Денеска, 28 декември 2021 година, во Скопје официјално е отворен конзулатот на Република Малта во Република Северна Македонија. Честа да ја претставува Малта во нашата земја му е доверена на проф. д-р Кочо Анѓушев, кој е именуван за почесен конзул со указ на претседателот на Република Малта, Џорџ Вела од 5 октомври годинава. Именувањето на проф. д-р Анѓушев е одобрено од Владата на Република Малта, а соодветни одобрувања се дадени и од страна на македонската Влада.

“Ќе ми претставува особена чест и задоволство да бидам почесен конзул во нашата држава на Малта која е членка на Европската Унија. Малта, иако мала со околу 460 илјади население, таа е економски високоразвиена земја од која имаме многу да научиме. Соработката и трговската размена со Малта е на многу ниско ниво и ќе ми биде предизвик да работам на зголемување на пред се’ економските активности, создавајќи конекции на малтешки стопанственици со нашата држава и да видиме колку производи може да пласираме од кај нас во Малта”, истакна проф. д-р Анѓушев по повод отворањето на канцеларијата на конзулатот.



