Меѓународниот монетарен фонд уште еднаш ја потврди стабилноста на денарот и на банкарскиот систем во земјава. Во изјавата од последната редовна мисија на ММФ во земјава се наведува дека фиксниот девизен курс на денарот e сидро на стабилноста, поддржан од соодветното ниво на девизните резерви.
Меѓународниот монетарен фонд оценува дека банкарскиот систем се покажа како стабилен и силен за време на пандемијата и дека и понатаму останува добро капитализиран. Меѓународниот монетарен фонд препорачува понатамошно зајакнување на рамките за макропрудентна политика и на финансиската безбедносна мрежа. Од Фондот посочуваат и дека е неопходно зачувување на независноста во работењето на Народната банка.

