26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИШефот на „Microsoft“ продаде половина од своите акции во компанијата

Шефот на „Microsoft“ продаде половина од своите акции во компанијата

Извршниот директор на „Microsoft“, Сатја Надела, продаде половина од својот дел во компанијата во серија зделки минатата недела, располагајќи со околу 840.000 акции во вредност од повеќе од 285 милиони долари, според известувањата до регулаторите.

Надела ги продаде акциите „од причини поврзани со лично финансиско планирање и диверзификација“, соопшти компанијата.

„Тој е посветен на продолжување на успехот на компанијата, а неговиот удел е многу над нивото поставено од бордот на директори на „Microsoft“, се вели во соопштението.

Продажбата на акциите доаѓа пред државата Вашингтон да воведе контроверзен нов данок на капиталната добивка. Законските измени беа донесени во април и се наменети првенствено за продажба на акции и компании со данок од 7% на долгорочна добивка од над 250.000 долари.

Првиот таков данок во историјата на државата треба да стапи на сила на 1-ви јануари 2022-ра година.

Во изјавата на „Microsoft“ не се наведува дали претстојниот данок влијаел на личното финансиско планирање на Надела. Во написот во „Wall Street Journal“ се цитирани аналитичари кои велат дека постои можна врска меѓу двете.

Новиот данок на капитална добивка во државата Вашингтон се очекува да собере околу 550 милиони американски долари годишно од фискалната 2023-та година. Најголемиот дел од тие пари ќе одат за основно образование и грижа за децата.

Акциите на „Microsoft“ се зголемија за повеќе од 2% вчера до 336,63 долари по акција. Акциите на „Microsoft“ се тргуваа по околу 36,35 долари кога Надела стана извршен директор во февруари 2014-та година, околу една десетина од нејзината сегашна вредност.

Надела продаде акции на 22-ри и 23-ти ноември по просечни цени кои се движеа од 334 до повеќе од 349 долари, според известувањето на компанијата до Комисијата за хартии од вредност на САД.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП