Македонски Телеком продолжува да ја гради 5G мрежата на целата територија на Македонија. Во тек е интензивна работа на терен со партнерот Ериксон за замена на постоечката технологија со опрема од најновата генерација којашто ќе овозможи 5G услуги, поголем капацитет и подобро корисничко искуство.
Од август до сега, покриени се 11 градови во централниот и западниот дел на државата, а до крајот на годината ќе се покријат уште 2 во јужниот дел: Гевгелија и Дојран. Со планираните активности до крајот на годината, 20% од населението ќе биде покриено со опрема од најновата генерација, а до средината на наредната година поголемиот дел од населението во урбаните средини ќе има можност да користи 5G услуги. За модернизација на мрежата и овозможување 5G, компанијата инвестира над 45 милиони евра за наредните четири години.

