19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИГолемата побарувачка за компјутери и помогна на „HP“ да ги надмине прогнозите

Големата побарувачка за компјутери и помогна на „HP“ да ги надмине прогнозите

Технолошкиот гигант „HP“ објави квартален приход што ги надмина прогнозите на аналитичарите, поддржани од подобрата испорака на компоненти, за да ја задоволи корпоративната побарувачка за своите персонални компјутери. Цената на акциите на компанијата порасна за време на тргувањето на берзата, пишува „Bloomberg“.

Приходите се зголемија за 9 отсто на 16,7 милијарди долари во четвртиот квартал, кој заврши на 31-ви октомври, соопшти компанијата со седиште во Калифорнија. Просечната прогноза на аналитичарите беше 15,4 милијарди долари, според податоците собрани од „Bloomberg“. Без некои елементи, заработката достигна 94 центи по акција, во споредба со просечната прогноза од 88 центи по акција.

„Она што го гледаме е голема побарувачка, особено кај комерцијалните и високите потрошувачки уреди, кои имаат повисоки цени и повисока вредност“, рече извршниот директор Енрике Лорез.

„Покрај тоа, видовме зголемување на трошоците и одговоривме со зголемување на цените, така што добро управуваме со нашата профитабилност во инфлаторното опкружување“, додаде директорот на „НР“.

Иако компанијата е поддржана од зголемена побарувачка, „HP“ имаше проблем да ги исполни сите свои нарачки поради недостиг на одредени видови чипови. Лорез вели дека побарувачката за персонални компјутери ќе продолжи да биде на високо ниво постигнато за време на пандемијата, и покрај враќањето во канцелариите и училиштата.

Глобалната продажба на компјутери се зголеми за 1 отсто во третиот квартал во однос на претходната година, според „Gartner“, делумно поради ограничувањата во понудата.

Според „Gartner“, продажбата на „HP“ паднала за 5,8 отсто во тој период. Минатиот месец „HP“ рече дека долгорочниот раст на приходите ќе биде „едноцифрен“.

Цената на акцијата на „HP“ порасна за 13% за време на тргувањето после работното време, откако во средата се затвори на 32,19 долари по акција во Њујорк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП