19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНад 1500 транспортери осум месеци чекаат сертификат за работа!

Над 1500 транспортери осум месеци чекаат сертификат за работа!

Властите на неколку пати навајуваат дека е избрана компанија која треба да го спроведува процесот на сертификација, но засега тоа се само празни ветувања кои не даваат решение на проблемот од кој се засегнати огромен број на граѓани вработени во пред се транспортниот сектор. Денар, пред два месеци дојде до информација дека Државниот испитен центар за сертификација кој беше на Правниот факултет, беше затворен по избивањето на аферата со Драги Рашковски. Во септемви на повеќе од 800 транспортери им зависеа работните места од тој центар бидејќи им истекуваа сертификатите за возење во странство, сега бројката е за двојно зголемена. Ресорниот министер повторно најавува дека набрзо ќе биде отворен испитниот центар.

Пред нешто повеќе од две недели Билјана Муратовска од Макам Транс за Денар вели дека добила информација од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски дека испитниот центар повторно ќе биде активиран. Но и покрај тоа, засега нема конкретен датум од кога граѓаните ќе може да се пријавуват за обновување, или полагање за нови сертификати кои им се неопходни за работа во странство но и за во земјава. Информациите сега се дека повеќе од 1500 лица го чекаат испитниот центар, а бројот на граѓани секојдневно се зголемува. Оваа неизвесност веќе осум месеци ја живеат транспортерите од Македонија кои возат во цела Европа.

„Освен што не може да се стекнат со сертификат за професионална компетентност, кој не треба само за територија на нашата држава туку и за вршење превоз надвор од државата. Втора група на возачи кои се соочуваат со овој проблем е тие кои возат опасни материи како во нашата држава така и надвор, и треба да имаат сертификат. Значи и нафтата и нафтените деривати кои што се превезуваат не може да биде без возачите да поседуваат сертификат. Третата група пак е за лица кои што исто така се оштетени, се оние управители или одговорни лица за транспорт. Да може трговското друштво да се стекне со лиценца или да ја обнови треба исто така да има сертификат за професионална компетентност“, вели Билјана Муратовска претседателка на здружението Макам Транс.

Муратовска алармира дека проблемот е сериозен, и напоменува дека во последниве осум месеци транспортерите се соочуваат со сериозни проблеми и тоа во време кога транспортниот сектор се соочува со голем недостаток на возачи. Надлежните велат дека избрана е компанијата која треба да го спроведува електронскиот систем за сертификација.  Министерот за транспорт Благој Бочварски најави дека  во текот на наредните денови ќе бидат повикувани сите транспортни компании со нивните вработени возачи да пристапат кон можноста да полагаат.

„Верувам дека за неколку недели овој проблем ќе биде намален и надминат. Набавката која беше планирана во Генералниот секретаријата на Владата е завршена и е избрана фирма која ќе ги врши испитите не само во делот на транспортот, туку и во делот на другите ресори во кои има таков тип на електронско полагање и во Министерството за правда, но и во останатите министерства. Во Транспорт и врски прашањето беше во делот на полагањето за сертификати на возачите и можам да кажам дека тоа е надминато“, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Податоците од транспортниот сектор велат дека во Македонија има околу 15 илјади лица кои вршат дистрибуција и транспорт во странство. Инаку, транспортниот сектор се соочува и со друг проблем, неколку години веќе има одлив на возачи во западно европските држави.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП