29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДо крајот на годинава исплата на К-15, ССМ апелира работодавачите да го...

До крајот на годинава исплата на К-15, ССМ апелира работодавачите да го почитуваат законот

Од Сојузот на синдикати на Македонија, очекуваат сите работници на кои им следува исплата на регрес за годишен одмор или К-15, да го добијат.  Работодавачите имаат  рок до крајот на годината на сметките на своите работници да ги пуштат овие пари.

Во голем дел од компании, каде што синдикатите здружени во ССМ имаат синдикални организации и потпишани колективни договори на ниво на  работодавач, работодавачите веќе исплаќаат регрес за годишен одмор во висина и од 100% од основницата.

-Сознанијата говорат дека ова право од кое зависи здравјето и продуктивноста на работниците во работниот процес, минатата година околу 90% од работниците кои се членови на синдикат го оствариле, а очекуваме така да биде и оваа година, па поради тоа апелираме до работниците синдикално да се организираат и да се приклучат  во ССМ,  вели за “Денар” Дарко Димивски, претседател на ССМ.

Димовски посочи дека на барање на ССМ, Владата прифати, а работодавачите добија поголемо даночно ослободување при исплата на регрес за годишен одмор и со тоа е надмината пречката работодавачите да исплаќаат и повисок износ на регрес за годишен одмор од утврдениот во висина од 40%.

Oд Оргнизацијата на работодавачи пак тврдат дека и покрај тоа што има фирми кои имаат загуби, тие ќе исплатат К- 15 до крајот на годинава.

-Има доста текстилни компании кои иако работеа со загуби ќе го исполнат ова законско право. Но, има и такви, кај кои не се работи за загуби, туку воопшто немаат пари и тоа се фирми од разни сектори. Тие се главно млади бизниси и оние кои се втори или трети во ланецот на бизнисот. Во тие компании да се седне да се разговара со синдикалните претставници, или пак ако нема синдикат да се разговара со представници  на работниците и да се најде спогодбено решение, вели за  “Денар”, Ангел Димитров, претседател на ОРМ.

Регрес за годишен одмор, се исплаќа во висина од најмалку 40 % од основицата, под услови работникот да работи најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач. Што според пресметките би изнесувал околу 11. 500 денари.

Основица за пресметка е просечната месечна нето плата по работник, исплатена во последните три месеци. Регрес за годишен одмор се исплаќа еднаш во текот на годината.

-На работниците на кои нема да им биде исплатен, им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку мобилната апликација на ССМ, за да можеме да интеревнираме до Државниот пазарен инспекторат или пак да покренат судстка постапка за заштита на своите права. Неодговорните работодавачи кои не исплаќаат К-15, или бараат од работникот да биде вратен, законот предвидува и затворска казна до една година. За минатата година веќе се поднесени неколку кривични пријави, додава Димовски.

Инаку од ССМ сметаат дека во овие услови кога цените на производите растат, овие пари за граѓаните се значајни. Дополнително бараат да се зголемат и платите за да може да се следи растот на цените.

Потребна е контрола и реално ограничување на растот на цените. Затоа бараме итно зголемување на минималната плата на најмалку 60 % од просечна плата, како и пораст на сите плати.  Работниците и граѓаните се на работ на својата егзистенција и затоа потребни се соодветни, брзи и ефикасни мерки, додава Димовски.

ССМ годинава достави и предлог до Владата за Општ колетивен договор, во кој покрај другото, предложи и регрес во висина од 30 % до 100% од основицата за сите вработени и во јавниот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП