27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБ: Во октомври годишен раст од 8,1% на вкупните депозити и од...

НБ: Во октомври годишен раст од 8,1% на вкупните депозити и од 6,7% на вкупната кредитна поддршка

Вкупните депозити во октомври, на годишна основа, се повисоки за 8,1%, при раст кај двата сектора – поизразен кај секторот „домаќинства“.

На годишно ниво, вкупните кредити, во октомври, бележат раст од 6,7%, при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.

Паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2), во октомври 2021 година, забележа месечен пад од 0,5%, којшто во најголем дел произлегува од намалувањето на депозитните пари, а во помала мера и на долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек, при раст кај краткорочните депозити. Годишниот раст на паричната маса изнесува 9,7% и главно произлегува од зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити, при помал раст и на готовите пари во оптек и на долгорочните депозити до две години.

Во октомври, вкупните депозити бележат месечно намалување од 0,4%, што целосно се објаснува со падот на депозитите на корпоративниот сектор. На годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 8,1%, при раст кај двата сектора, којшто е поизразен кај секторот „домаќинства“.

Вкупните кредити, во октомври, забележаа месечен раст од 0,6%, како резултат на растот на кредитирањето на двата сектора, при поголем придонес на корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните кредити изнесува 6,7% и во поголем дел се должи на зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства“.

Во октомври, вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија надолна месечна промена од 1,6%. Притоа, падот во најголем дел произлегува од намалувањето на депозитните пари, краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута, при помал придонес и на останатите компоненти. На годишна основа е забележан раст од 13,9% како резултат на зголемувањето на депозитните пари, краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, а во услови на пад на краткорочните и долгорочните депозити во денари.

Кредитите на корпоративниот сектор, во октомври, бележат месечно зголемување од 0,7%, целосно заради зголеменото кредитирање во денари, во услови на остварен пад на кредитите одобрени во странска валута. Анализирано на годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 5,6%, под влијание на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари.

Во октомври, вкупните депозити на домаќинствата се непроменети на месечна основа, додека на годишна основа забележаа раст од 7,2%. Нагорната промена е резултат на растот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, при помал раст и на долгорочните депозити во странска валута, додека депозитите во денари (долгорочни и краткорочни) забележаа намалување.

Овој месец, кај кредитите на домаќинствата е остварен раст на месечна и годишна основа од 0,5 и 7,3%, соодветно. Анализирано според валутната структура, кредитите во денари имаат поголем придонес кон растот по двете основи.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во октомври, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечно зголемување од 0,5% и 1,0%, соодветно, како и годишен раст од 6,3% и 16,0%, соодветно. Автомобилските кредити, во октомври, се зголемени за 0,7% на месечна основа, додека на годишна основа се пониски за 14,1%. Овој месец, кредитите одобрени на кредитни картички бележат надолна месечна и годишна промена од 0,5% и 10,8%, соодветно. Кај негативните салда на тековните сметки, во октомври, е остварен раст на месечна и годишна основа, од 1,5% и 1,3%, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи забележаа месечно и годишно намалување од 1,3% и 29,8%, соодветно.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП