25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНикна првиот „ПЕНЗИСКИ ПАРК“ - пензиските друштва започнаа со акциите за садење...

Никна првиот „ПЕНЗИСКИ ПАРК“ – пензиските друштва започнаа со акциите за садење дрвја

Вчера во рамки на кампањата „Засади желба, за поубава иднина“ трите пензиски друштва го отворија првиот „Пензиски парк“ во СУГС „8-ми Септември“ во Скопје.

На самиот почеток на новата едукативна и информативна кампања за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд, пензиските друштва најавија дека овој пат активностите ќе бидат фокусирани на општествена одговорност и активно ќе ги вклучат младите во раззеленувањето на дворовите во 4 средни училишта преку создавање на „Пензиски паркови“.  

„Оваа година нашата кампања предвидува едукативни и општествено-одговорни активности со кои сакаме преку пример да им прикажеме на младите генерации дека секоја денешна постапка може да биде инвестиција во процесот на градење поубава иднина на долг рок, но и да ги мотивираме да станат активни учесници во грижата за животната средина.“ – објаснија претставниците на пензиските друштва.

Првиот ваков парк денес никна во средното училиште „8-ми Септември“ во Скопје, каде за време на акцијата, дел од вработените во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје им дадоа пример на учениците како да го чуваат и негуваат дворот во училиштето. Акцијата се состоеше од чистење на дворот, подготовка на почвата и садење на 15 средно созреани листопадни садници, по што на учениците им ја предадоа одговорноста да се грижат за нивниот парк како симбол за активниот удел кој тие го имаат во планирање на сопствениот живот и иднина.

Пред почетокот на акцијата директорот на СУГС „8-ми Септември“, Кенан Асани, се обрати до присутните и се заблагодари за помошта во средувањето на училишниот двор.

„Задоволство и чест ми е што токму нашето училиште е едно од четирите избрани во овој во проектот „Засади желба, за поубава иднина“, за што сакам посебно да им се заблагодарам на пензиските друштва. Ова го прават на вистинско место, бидејќи во последните три години вложивме големи напори и ние професорите, а и учениците, за да го средиме дворот да изгледа вака како што го гледате денес. Но, нема да застанеме тука, ќе продолжиме да вложуваме, овој пат преку садење на дрвја кои се симбол на живот, иднина. Тоа е и пораката која пензиските друштва сакаат да ја испратат до младите генерации, дека секоја инвестиција еден ден ќе им се врати, како што за нас постарите минатите вложувања ќе обезбедат сигурност за поквалитетен живот, којашто токму овие друштва ни ја даваат преку нивната работа.“ – изјави тој.

„Денес започнуваме од училиште кое се наоѓа во населба во Скопје која често се појавува на листата на населби со најзагаден воздух и мораме да пронаоѓаме начини да ги заштитиме децата кои секојдневно престојуваат во ова училиште. На овој начин, од една страна ќе придонесеме за будење на еколошката свест кај младите, истовремено ќе ги едуцираме за нивните идни права и обврски за членување во пензиски фондови и ќе придонесеме за почист воздух и поубава иднина.“ – изјави Д-р Петар Талески – Член на Управен одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје.

Во периодот кој следи пензиските друштва, со поддршка од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), ќе создадат вакви паркови во уште три средни училишта: СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид, СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе и СМУГС ,,Д-р Панче Караѓозов” – Скопје.

Сепак, велат дека ова е само почеток, бидејќи се стремат кон тоа општествено одговорните активности да станат редовна пракса, за да се опфатат што е можно повеќе училишта низ државата во кои ќе заживее грижата за иднината преку симболиката на зелените паркови.

Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина“ ќе бидат достапни на веб страницата www.penzija.mk

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП