25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Lufthansa“ ја врати државната помош

„Lufthansa“ ја врати државната помош

Германската авиокомпанија „Lufthansa“ во петокот објави дека вратила милијарда евра државна помош доделена од државниот фонд на матичната земја за надминување на пандемиската криза.

Заемот од околу 1 милијарда евра од државната развојна банка „KfW“, „Lufthansa“ го отплати во февруари, а во октомври го исплати првиот дел од „тивкиот удел“ на фондот за економска стабилизација во кризата со коронавирусот (ЕСФ) од околу 1,5 милијарди евра.

Враќањето на преостанатите 1 милијарда евра во ЕСФ значи дека компанијата ги вратила или ги откажала сите преостанати форми на помош, пред предвиденото, се вели во соопштението.

Фондот сè уште поседува 14 отсто од директниот удел што вети дека ќе го продаде најдоцна до октомври 2023-та година.

Германија, заедно со Австрија, Белгија и Швајцарија, каде што „Lufthansa“ има подружници „Austrian Airlines“, „Brussels Airlines“ и „Swiss“, и обезбедија на компанијата вкупно девет милијарди евра помош за коронакризата, а беа искористени околу 3,8 милијарди.

„Во име на сите вработени во „Lufthansa“ би сакал да се заблагодарам на германската влада и на германските даночни обврзници. Во најсериозната финансиска криза во историјата на нашата компанија, тие ни дадоа перспектива за иднината“, изјави извршниот директор Карстен Спор.

„Ова ни овозможи да заштедиме повеќе од 100.000 работни места“, нагласи Спор.

Враќањето на државната помош е услов за натамошна консолидација на секторот во Европа, посочува агенцијата ДПА, потсетувајќи дека авиокомпаниите не можат да се спојат додека државата им помага.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП