20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија влегува од криза во криза, политичарите тераат по свое, работниците оставени...

Македонија влегува од криза во криза, политичарите тераат по свое, работниците оставени во чекална!

Од криза во криза, од здравствено – економска до енергетска криза и сега најново, на сето тоа се додава и политичка криза. Македонија никако да застане на стабилни нозе како што се вели. И во секоја криза главната улога ја имаат политичарите, сите – цело општество чека што ќе кажат премиерот, министрите, директорите на државните компании, а никој не го прашува обичниот човек, народот. Трката за удобна фотелја се уште не е завршена, локалната власт е пополнета, но сега апетитите се зголемуваат и се бара едно ниво погоре, кон централната власт. Пазарувањето за потписи е пуштено на најако, а стандардот на работниците и континуираната инфлација подзаборавена од политичките елити.

Во ова матно време на политички договори за спас или освојување на власта, борците за правата на работниците го кренаа гласот и побараа итно носење на законските решенија кои се одамна ветени, но чекаат во фиока да завршат приоритетите на политичарите. Од Сојузот на синдикати на Македонија потенцираа дека народните избраници мора да посветат повеќе време на законите кои имаат за цел унапредување на работничките права.

Како прво барање од ССМ апелираат да се усвои законско решение за недела неработен ден, потоа нов Закон за работни односи, итно да се зголеми минималниата но и просечната плата. Доколку овие барања не се реализираат во најбрз можен рок синдикалците предупредуваат дека ќе организираат масовен протест преку мобилизирање на членството.

„Веднаш да се усвои законското решeние за недела неработен ден, онака како што е усогласено помеѓу социјалните партнери, а со тоа конечно сите оние кои работат во дејностите каде не може да има застој во технолошкиот процес за работа во недела ќе им биде исплатена дневницата за тој ден зголемена за минимум 50%., а останатите 92% од работниците заслужено да одмараат. Донесување на нов Закон за работните односи на кој се работи континуирано 3 години и кој е фундаментален закон во кој ќе се решат децениски проблеми како: договорите на определено време, прекувремената работа, регрес за секој работник, работата од дома и итн. Итно зголемување на платите поради ценовниот шок кој предизвика зголемувања на сите производи, животни трошоци како и ограничување на неоправданиот раст на цените. Затоа бараме итно зголемување на минималната плата на најмалку 60% од просечната плата и сите останати плати согласно коефициентите на сложеност на работните места утврдени во колективните договори по дејности“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Од Владата ни соопштија дека бараните законските решенија се во собраниска процедура.Тврдат дека и нивна заложба е подобрување на животот на граѓаните. Од ресорното министерство пак, за Денар велат дека во периодот што следи сите барања на синдикалците ќе бидат реализирани како што првично е договорено.

„Mинистерството за труд и социјална политика очекува Предлог – законот за изменување и дополнување на работните односи со кој се дефинира дека недела е ден на неделен одмор, наскоро да ја помине расправата на Комисијата за труд и социјална политика, а потоа пратениците да го усвојат и на собраниска седница, бидејќи е во насока на унапредување на работничките права“, наведуваат од МТСП.

Синдикалците ја опоменуваат власта дека работникот повеќе не може да чека, и да го толерира правилото дека се мора да застене кога има изборен процес, а тој го има веќе многу често. Нивниот став е дека немаат време повеќе да чекаат три, шест месеци или цела година за да се донесе закон кој директно ќе влијае врз нивната социјална сигурност и нивните работнички права.

 „Пратениците пред нивните интереси да го имаат прво интересот на работникот, зошто истиот повеќе не може да ги толерира и трпи овие политички игри што се прават врз грбот на работниците и своите работнички права ќе ги бараат на улица преку генерален штрак, зошто тој, работникот е срцето и движечката сила на економијата од која се гради и опстојува Државата. Очигледно дојдено е времето подадената рака на работникот денес, да стане стисната тупаница”, додаваат од ССМ

Што се однесува до бизнис секторот, од таму не се баш среќни со тоа што добар дел од стопанството ќе биде затворено во недела и работниците ќе бидат слободни во последниот дел од седмицата. Дел од бизнисмените успеаа да ги наговорат властите и да издејствуваат одредени сектори да работат и во недела, за што ќе треба дополнително да го платат трудот на работникот кој ќе работи во недела. Работодавачите исто така гласно кажаа и дека сега,  во овој моменет или по Нова Година не се за зголемување на минималната плата на 18 илјади денари. Тврдат дека стопанство е неликвидно и дека пари за повисоки плати нема.

Кој на крајот ќе се офајди, политичарите од својата позиција, газдите со своите бизниси или работниците со желбата за подобро утре, ќе покаже времето?!

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП