24 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИМајкрософт најави гасење на Линкдин во Кина

Мајкрософт најави гасење на Линкдин во Кина

Мајкрософт денеска објави дека ќе ја затвори локалната верзија на Линкдин во Кина, која е последната голема американска социјална мрежа што продолжи да работи во таа земја.

Во соопштението на Мајкрософт се наведува дека Линкдин ќе биде затворен поради „значително тешкото деловно опкружување и зголемените барања за усогласеност со новите прописи во Кина“, пренесува CNBC.

Наместо тоа, американскиот технолошки гигант ќе отвори веб-страница за барање работа во Кина, која ја нема функцијата за социјално вмрежување.

Линкдин беше лансиран во Кина во 2014 година со ограничени карактеристики дизајнирани да се усогласат со построгите закони за интернет во земјата.

Одлуката за затворање на оваа мрежа беше донесена откако кинескиот интернет регулатор нареди во март Линкдин подобро да ја модерира неговата содржина, за што на компанијата и беше даден рок од 30 дена, објави Волстрит Журнал, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање.

Новата платформа на Мајкрософт во Кина, наречена „InJobs“, нема да вклучува социјални содржини ниту ќе им дозволи на корисниците да споделуваат објави или статии.

Според порталот Статиста, Кина е трет по големина пазар на американската компанија. Извршниот директор на Мајкрософт Сатја Надела рече дека придонесот на „Линкдин“ во годишниот приход на компанијата во јули изнесувал околу 10 милијарди долари.

Мајкрософт го купи Линкдин во 2016 година за 26,2 милијарди долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП