19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Двојка“ за летнава туристичка сезона!

„Двојка“ за летнава туристичка сезона!

Минимален број на странски гости годинава својот летен одмор решија да го поминат на охридскиот брег. Хотелиерите велат дека ова лето само 10 отсто во однос на 2019 година биле гостите од странство. Од владата велат дека со нивните мерки и проекти допринеле за подобрување на состојбите во туризмот во оваа кризна година. Туристите од Македонија пак летово најмногу патувале во Турција и Албанија.

Странски гости на охридскиот брег годинава биле само 10 отсто во однос на 2019 година, тврдат хотелиерите. Наместо како што претходно доаѓале од мај до октомври, годинава тоа се случувало многу ретко и гостите биле во многу мал број. Недостасувале туристите кои редовно доаѓаат од земји кои се традиционални и секоја година се најбројни во туристичките центри низ Македонија. Од здружението на хотелиери ХОТАМ велат се оптимисти за во иднина, и на работите гледаат со позитивна енергија и сега подготвуваат стратегија за следната година.

„Морам да кажам дека далеку бевме од 2019. Се после 2019 година во однос на туризмот се промени, бројките не може да се споредат, но ако зборуваме за јули и август имавме исполнетост. Може да се каже во одредени периоди бевме како во 2019, но тоа се периодите од било која година во изминативе 10 години, и тогаш сме биле исполнети до 100 насто. Тоа е периодот околу втори август, тогаш се сите збиднувања во Охрид и Струга, концерти, охридско лето итн. Но останатиот период или првите шест месеци од годинава беа промашени за оваа година, јули и август се изработија добро, за тоа во тие месеци оценката е доста позитивна и сега околу остатокот од годинава ќе се очекува некое семинарче, или викенд, но со новите мерки од ден на ден се менуваат самите закажани ивенти кои ги имаме“, вели за Денар Крсте Блажевски претседател на ХОТАМ.

Од министерството за економија за Денар велат дека туризмот во светски рамки е една од најпогодените индустрии од пандемијата со Ковид 19. А според ресорното министерство, главниот фокус на Владата е да се поддржи овој сектор со конкретни мерки и активности. Велат дека оваа година се постигнати за нив очекуваните резултати. Како главни проекти кои придонесоа за зголемување на бројот на туристи од министерството велат дека биле кампањата ДОМАСИЕДОМА и ваучерите за домашен туризам.

„Имајки ги предвид бројките на туристи и ноќевања можеме да покажеме дека мерките кои се имплементирани дадоа видливи резултати. Бројот на туристите во јули 2021 година изнесува 136 291, од кои 66.4 % се домашни туристи, а 33.6 % се странски туристи. Бројот на ноќевањата во јули 2021 година изнесува 618 314, од кои 83.0 % се од домашните туристи, а 17.0 % од странските туристи. Во периодот јануари – јули 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 56.6 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 56.6 %, а кај странските зголемувањето е за 56.6 %. Во периодот јануари – јули 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 46.4 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 36.4 %, а кај странските зголемувањето е за 79.0 %“, велат од министерството за туризам.

Од Агенцијата за поддршка на туризмот пак велат дека континуирано работат на подигнување на свеста за туристичките убавини преку промоција на домашен но и на странски пазари. Во првиот квартал од годинава биле  пласирани медиумски кампањи во регионот преку кои се испратила порака дека Македонија е безбедна дестинација за патување и тука се почитуваат препораките на Светската здравствена организација.

“Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот континуирано ги следи движењата и трендовите во туризмот, со што соодветно постапува за да се прилагоди и подготви за туристичката сезона во ова турболентно време, во најкус можен рок. Со оглед на тоа дека минатата година се потпревме најмногу на домашниот туризам, оваа година имаме гости не само од регионот, туку и од Холандија, Полска, Русија и пошироко. Најавата и отворањето на нови авионски линии кон Скопје и Охрид, даваат уште поголем оптимизам, но секако, зависни сме од политиката на секоја земја индивидуално и нејзините ограничувања во зависност од бројот на заразени кај нас. Но, оваа 2021, согласно месец јули имаме значајно покачување во вкупниот број на туристи во споредба со минатата, и тоа за 56.6%, но она што е оптимистично е дека бројот на ноќевања кај странските туристи во првите 7 месеци од годинава е поголем за 79% во споредба со истиот период минатата година. Согласно овие податоци, но и тоа дека вкупниот број на ноќевања е поголем за 46.4% за дадениот период, сметаме дека сме на пат кој ќе води кон брзо закрепнување на туристичката индустрија, но и нејзина промена во основата која е диктирана од новите побарувања на туристите”, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Туристичките работници велат дека целосната слика за оваа летна туристичка сезона ќе биде јасна откако ќе бидат објавени и податоците за август и септември. Сепак велат дека може да се каже дека ова лето е многу подобо во споредба со минатото, но се уште силно се чувствуваат ефектите од кризата, а патувањата се оптоварени со рестриктивните мерки за заштита со кои се ограничува или условува движењето на туристите. Според нив, значајно е тоа што се бележи напредок во однос на лани, полека велат, почнаа да се враќаат странските туристи во Македонија а со тоа и тренд на постепено нормализирање на навиките за патување. Што се однесува до патувањето на нашите државјани во странство ова лето како најчести дестинации биле Турција и Албанија.

„Бројот на странски туристи кои ја посетија земјава се уште е низок бидејќи многу од планираните странски тури беа откажани поради промени во епидемиолошката состојба и поради тоа што нашата земја долго беше на црвена листа, па туристите кои доаѓаа тука при враќање во своите држави требаше да приложат негативен тест за ковид 19 или да бидат во карантин, што значително влијаеше на намерата да ја посетат нашата држава. Помалку странски туристи имаше и во нашиот туристички центар Охрид, каде беа откажани израелските и белгиските чартери. Се вратија традиционалните туристи од Холандија  и Полска, но во значително намален број“, додаваат од туристичко угостителската комора.

Искуството на инволвираните во овој бизнис велат дека позитивно влијаела владината мерка за бесплатни ПЦР тестови  за странските туристи што според нив е доказ дека со соодветната поддршка може да се придонесе повеќе во однос на тешката состојба во која се наоѓа овој сектор, кој секако е еден од најпогодените во кризата. Туристичките работници очекуваат и во иднина  да продолжи поддршката за туризмот, бидејќи и во следниот период ќе биде се уште тешко и неизвесно, бидејќи според многумина се уште туризмот е далеку од враќање во нормала.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП