1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа повеќе од 800 транспортери од Македонија им „виси“ работното место!?

На повеќе од 800 транспортери од Македонија им „виси“ работното место!?

Повеќе од четири месеци транспортерите чекаат владата да одбере нов центар за полагање на стручни испити за добивање на сертификати за работа. Од здружението на транспортери Макам-транс за Денар велат дека на професионалните возачи на товарни моторни возила им се потребни тие сертификати бидејќи со нив се докажува нивната професионална компетентност. Денар побара став од Владата пред десетина дена, но од Илинденска број два одговор нема. Информациите велат дека на 800-тини транспортери поради ова им „виси“ работното место. Сертификатот се обновува на секои пет години.  

Повеќе од 300 компании од транспортниот сектор се соочуваат со сериозни проблеми. На крајот од септември на 800 професионалните возачи на камиони им истекуваат лиценците за работа, а веќе неколку месеци Владата го пролонгира процесот за избор на компанија која ќе ги тестира кандидатите, и доделува нови сертификати кои се неопходни за работа. Сега транспортерите велат дека се доведени во ситуација, од почетикот на идниот месец  да го намалат бројот на возачи и да ја извршуваат дејноста со помалку возила, затоа што немаат доволен број на возачи со сертификати. Според правилата, задолжителниот сертификат за работа има важност од пет години. Тој документ е потребен на транспортерите за дистрибуција на стока надвор од границите на Македонија, но е неопходен на ниво на цела Европа.

„За превозниците да може да вршат дејност мора да имаат лиценца, а за да добијат изводи од лиценцата за своите возила мора да имаат возачи кои што поседуваат сертификат за професионална компетентност. Доколку превезуваат и опасна стока, тогаш дополнително треба да имаат посебен сертификат. За жал веќе повеќе од четири месеци владиниот центар за јавни набавки нема склучено договор со ниту една фирма за спроведување на испити за да може транспортерите да полагаат и редовно да се спроведува целата процедура. Ова се случи по затворањето на испитниот центар на Правниот факултет и аферата која што беше со Драги Рашковски“, вели за Денар Билјана Муратовска од Макам-транс.

Дополнително, од 13-ти до 15-ти октомври транспортерите имаат рок да аплицираат за распределба на ЦЕМТ дозволи, што значи дека без сертификат возачите и возилата нема да се признаваат за учество во апликативниот процес. Од Макам-транс велат дека според тоа на некој начин се доведени до сериозно намалување на капацитетите на превозните трговски друштва бидејќи се оневозможени да ја вршат својата дејност.

Од здружението на транспортери  Макам-транс велат дека неколку пати стапиле во контакт со Владата и барале итно решение на овој проблем, но никогаш немале конкретен одговор. Одговорите кои тие ги добиле се дека процесот на комапнијата за сертифицирање е во тек. Трпението на возачите од ден на ден се намалува, а револтот за незаинтересираноста на власта за нивното прашање им станува се поголем.

„Мислам дека по примерот кој беше со овозможување од страна на владата со договор да може да полагаат јавните обвинители и судиите, тоа истот треба да се направи и со транспортерите. Да се даде можност на ресорното министерство, одреден период додека не се избере фирма или центар за испити да има директна конекција со одреден центар и да може да се полага затоа што сега во моментов има огромен број на возачи кои чекаат на ред да полагаат”, додава Муратовска.  

Од Владата  Денар не доби одговор на прашањата, зошто се доцни со изборот на нов испитен центар и дали се ќе пробие рокот на возачите за добивање на нова петгодишна дозвола за работа на ниво на цела Европа. Неофицијално дознаваме дека изборот на нова фирма е во тек и се прават напори до крајот на месецов за да започне испитниот процес за обновување на сертификатите за транспортерите.

Во Македонија има околу 14 илјади товарни превозни средства кои најчесто се ориентирани за дистрибуција и транспорт во странски земји. Тоа значи дека има и најмалку толку професионални возачи на кои им се потребни сертификатите за работа. Колку подолго се одовлекува постапката за избор на копманија на толку повеќе возачи ќе им биде загрозана егзистенцијата односно работноте место. Во рамките на земјава тоа се врши со помали комбиња или други превозни средства.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП