8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо потрага по обучени работници, Германија признава се повеќе и повеќе дипломи

Во потрага по обучени работници, Германија признава се повеќе и повеќе дипломи

Германија бара обучени работници, а пазарот на трудот сѐ повеќе се потпира на странци. И покрај пандемијата, германските власти минатата година признаа повеќе дипломи отколку порано.

Според податоците на германското биро за статистика, минатата година Германија целосно или делумно призна околу 44.800 странски дипломи. Тоа е за пет проценти повеќе отколку во 2019-та година, и покрај пандемијата што ја погоди германската економија во 2020-та година.

Најголемиот удел на квалификувани странски работници дојде од европските земји надвор од Европската унија. Глобалната листа од околу 150 земји ја предводи Босна и Херцеговина, а потоа Србија. Имено, германските власти признаа 3.600 барања за нострификација од БиХ и 3.400 од Србија. Сирија е на трето место со 3.100 признати барања.

Како и досега, медицинските лица се најбарани – околу две третини од признатите дипломи се од таа гранка. Ова вклучува околу 15.500 негуватели и медицински сестри, како и 7.600 лекари. Околу 3.300 се наставници и воспитувачи, како и околу 2.500 инженери, чии дипломи беа признати од германските службеници.

Иако бројот на признати апликации расте, германските статистичари исто така забележуваат дека минатата година помалку луѓе побарале нострификација на нивните дипломи – околу три проценти помалку отколку во 2019-та година.

Германската министерка за образование Ања Карличек сѐ уште е оптимист и вели дека голем број барања за нострификација се должат на новиот закон за миграција на квалификуваните работници донесен во март 2020-та година. Новото законско решение им олеснува на мигрантите да работат во Германија за работни места за кои се школувале.

„И двете страни имаат корист од тоа. Квалификуваните работници имаат подобри шанси да најдат добра работа што им нуди сигурност, каде што се вреднуваат, место што одговара на нивните преференции и способности. Во исто време, Германија ја добива итно потребната квалификувана работна сила од странство“, вели министерката Карличек.

Дека ситуацијата е итна, потврдува и претседателот на германската агенција за вработување, Детлеф Шел, кој оваа недела предупреди дека бројот на работоспособни лица во Германија ќе се намали за околу 150.000 во оваа година, и дека дефицитот ќе продолжи да расте.

„Ни требаат 400.000 имигранти годишно, многу повеќе отколку во претходните години. Од негуватели, преку монтери за климатизери, до логистичари и луѓе со високо образование. Ќе има недостаток на работна сила во сите области, рече Шел, повикувајќи ја владата да интервенира.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП