Веројатно многумина не слушнале за компанијата „Mobilize“. Ова е името на поделбата на „Renault“ во Европа, која се занимава со лизинг, споделување автомобили и изнајмување автомобили. Сега таа е и автомобилска марка, чиј прв модел доби свој амблем, а не познатото лого со дијамант на францускиот производител.
Треба да се напомене дека ова не е чистокрвно „Renault“ и не е развиено во Европа. Седанот е создаден од заедничкото вложување „JMEV“, кое компаниите „Renault“ и „Jingliang Motors Corporation“ (JMC) го направија во 2015-та година специјално за производство на електрични возила. Досега нудеше едноставни модели под различни марки, а овој седан е првиот проект создаден во Кина, но наменет за Европа.

Во Кина, автомобилот беше претставен пред извесно време под брендот „Yi“. Европската верзија се вика „Mobilize Limo“ и се одликува со своите амблеми и некои мали детали. Автомобилот нема да излезе во продажба и „Renault Group“ ќе го понуди само за изнајмување, споделување на автомобили и такси.
Во однос на димензиите, „Mobilize Limo“ е споредлив со лимузините „Renault Megane“ и „Volkswagen Jetta“. Долг е 4.670 мм, широк е 1.830 мм и висок е 1.470 мм. Растојанието помеѓу двете оски е 2.750 мм. Моделот е опремен со целосно „LED“ оптика и тркала од 17 инчи, а ќе биде достапен во три бои-црна, бела и сива. Волуменот на багажникот е 411 литри.

„Limo“ има пространа кабина, а рамниот под им овозможува на три лица да седат одзади. Достапно е само едно ниво на опрема со кожен ентериер. Има виртуелна табла со инструменти со 10,25-инчен екран, мултимедија со 12,3-инчен дисплеј, електрични предни седишта, осум воздушни перничиња и кружни камери за надзор.
Електричниот погон нема никаква врска со стандардните модели на „Renault“. На предната оска е поставен електричен мотор со моќност од 150 ks и 220 Nm, и работи во три режими – „Eco“, „Normal“ и „Sport“. Литиум-јонската батерија со капацитет од 60 kW/h е сместена под подот, обезбедувајќи опсег од 450 километри. Максималната брзина е 140 km/h, а забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 9,6 секунди.

„Limo“ ќе се произведува во Кина, а првата серија автомобили ќе пристигне во Европа оваа есен. Тоа ќе биде еден од 40-те автомобили што ќе влезат во возниот парк на „Mobilize“, но ќе се користат само за тестови во реални услови. Целосната употреба на автомобилите ќе започне следната година.