25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТБајден вети дека ќе продолжи со евакуацијата и најави одмазда на Исламска...

Бајден вети дека ќе продолжи со евакуацијата и најави одмазда на Исламска држава

Американскиот претседател Џозеф Бајден вети дека ќе ги евакуира преостанатите американски државјани и другите од Авганистан, и покрај вчерашниот напад во близина на аеродромот во Кабул.

Синоќа, Бајден исто така вети дека ќе им се одмазди на екстремистите на Исламската држава за убиството на 13 припадници на американската армија во тој напад од двајца бомбаши самоубијци и вооружени мажи, пренесува Асошиејтед прес.

„Ќе ве најдеме, ќе платите“, рече Бајден во Белата куќа, за време на емотивното обраќање до нацијата.

Тој рече дека им наредил на воените команданти да изготват планови за напад на „имотот, раководството и објектите“ на Исламската држава.

“Овие терористи од Исламска држава нема да победат. Ќе ги спасиме Американците, ќе ги извлечеме нашите авганистански сојузници, нашата мисија ќе продолжи. Терористите нема да не заплашат”, рече Бајден.

Началникот на Централната команда на американската армија, Френк Мекензи, рече дека се очекуваат нови обиди за напади.

Американската армија објави дека во нападот загинале 13 нејзини припадници, од кои десет маринци, а 18 се ранети, пренесува АП.

Во вчерашниот напад загинаа најмалку 60 Авганистанци, а повеќе од 140 се ранети.

Новите талибански владетели за Ројтерс изјавија дека најмалку 28 нивни членови се убиени.

Повикувајќи се на неименуван авганистански функционер, Би -Би -Си јавува дека во нападот загинале најмалку 90 лица и дека повеќе од 150 се ранети.

Вчерашниот ден беше најсмртоносниот за американските сили во Авганистан од август 2011 година, кога Талибанците, тогаш бунтовници, соборија хеликоптер со 30 американски војници и осум Авганистанци.

Огранокот на Исламската држава во Авганистан изврши бројни напади врз цивилни цели во претходните години. Групата е порадикална од талибанските екстремисти, кои насилно ја преземаа власта во земјата пред две недели.

Вчерашниот напад беше извршен откако водечките западни земји претходниот ден ги повикаа луѓето да го избегнат аеродромскиот предел поради сериозна терористичка закана.

Голем број луѓе кои сакаа да ја напуштат земјата, се оглушија на тој повик, плашејќи се од Талибанците, имајќи предвид дека операцијата за евакуација мора да заврши до 31 август, кога истекува рокот за повлекување на американските сили од Авганистан.

Откако Талибанците ја преземаа власта пред две недели, голем број земји соавиони евакуираа повеќе од 100.000 луѓе од Кабул.

Околу 1.000 Американци и многу поголем број Авганистанци чекаат да бидат евакуирани од Авганистан.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП