29 март, 2024
ПочетнаАВТОБИЗ„Сега е потешко да се купи автомобил отколку да се продаде -...

„Сега е потешко да се купи автомобил отколку да се продаде – нив едноставно ги нема“

Купувачите на нови автомобили во Европа и светот може уште да чекаат за испорака на нивните нови лимени миленичиња.

Најголемиот светски производител на автомобили, јапонската „Тојота“, во септември ќе произведе 540.000 наместо 900.000 возила, а Фолксваген исто така најави намалување на производството.

Според Фајненшл тајмс, кризата со снабдувањето со електронски делови во глобалната автомобилска индустрија дополнително се продлабочи откако бранот на инфекција со коронавирус се прошири во Југоисточна Азија.

Три од четирите најголеми светски производители на автомобили минатата недела објавија дека нивното производство е дополнително нарушено.

Последниот во серијата е германското Ауди, дел од Фолксваген. Ауди објави дека ќе го продолжи летниот распуст на околу 10.000 работници во фабриките во Инголштат и Некарсулм и ќе го скрати работното време поради недостаток на чипови.

Во главната фабрика во Инголштад, сите монтажни линии ќе бидат неактивни до 30 август поради недостаток на електроника и подготовки за производство на целосно електричен Q6 е-трон, објави компанијата.

„Мораме да планираме од недела во недела. Претходно, дури и планираните дополнителни смени требаше да бидат откажани “, објасни портпаролот на Ауди.

Откако ќе се испорачаат компонентите, тие ќе бараат да го надоместат загубеното производство. Ауди има пополнети книги со нарачки, но не успеа да произведе околу 50.000 автомобили во првата половина од годината поради недостаток на компоненти. Фолксваген, пак, објави дека поради недостаток на полупроводнички компоненти, производството во главната фабрика во Волфсбург ќе започне во ограничен обем по летната пауза.

Портпаролот на VW рече дека сите производствени линии ќе работат во една смена оваа недела, но не може да прецизира колку работници ќе бидат погодени од одлуката. Поради пандемијата на коронавирус, компанијата веќе неколку пати мораше да ја прилагоди својата програма за производство.

Финансискиот директор на БМВ, Николас Петер, сепак, посочува дека оваа година би можеле да продадат повеќе од 70 до 90.000 автомобили доколку не останат без чипови.

Најголемиот светски производител, јапонската Тојота, објави дека до септември ќе го намали глобалното производство за 40 проценти. Јапонската компанија додаде дека следниот месец ќе произведе 540.000 возила, наместо 900.000 како што првично беше планирано.

Речиси сите фабрики на Тојота во Јапонија ќе бидат погодени од недостаток на делови, со вкупно 27 производни линии. Фабриките на Тојота во Северна Америка и Кина ќе произведуваат 80.000 возила помалку, а во Европа, 40.000 автомобили помалку ќе излезат од траката.

Тојота објасни дека ненадејното зголемување на бројот на пациенти во Виетнам и Малезија го влоши недостатокот на електроника, како и други делови. Двете земји имаат клучна улога во производството на електроника, но и во пакувањето и тестирањето на компонентите што се користат од автомобили до мобилни телефони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП