Најнови вести од светот 14.08.2013 година
Белград – Пријавувањето за доброволно заминување на вишокот вработени од Јат ервејз почна. Синдикатот бараше од 450 до 500 евра по година работен стаж, но ќе добие 300. Толку Владата на Србија е подготвена да ја финансира социјалната програма.
Пекинг – Од октомври Кина ќе ја преземе од САД улогата на најголем светски увозник на нафта, благодарение на комбинацијата на раст на побарувачката во Кина и производството во САД, покажуваат податоците на Американската владина агенција за информирање за енергетика ЕИА. Нето увозот на нафта во Кина идната година ќе го надмине увозот во САД на годишно ниво, а разликата меѓу тие две земји ќе продолжи да се зголемува, наведе ЕИА, пренесе Франс прес. Кина е веќе најголем потрошувач на енергенси во светот и втор по големина потрошувач на нафта, по Америка. До промени на водечката позиција ќе дојде поради силниот раст на побарувачката во Кина, зголеменото производство во САД, како и поради стагнација или слабење на побарувачката на американскиот пазар, наведе ЕИА.
Брисел – Индустриското производство во 17 члената еврозона зајакна во јуни, што е уште еден показател дека европскиот монетарен блок конечно излегува од рецесија, покажаа официјалните податоци во Брисел. Додека податоците за стопанскиот раст од вториот квартал се очекуваат утре, денешниот извештај на Европскиот завод за статистика Евростат покажува дека индустриското производство во јуни пораснало за 0,7 отсто во однос на мај, кога падна за 0,2 отсто, пренесе агенцијата Франс прес.
Берлин – Германската влада ги отфрли медиумските извештаи дека на Грција во почетокот на идната година ќе и треба нов пакет помош. Се наведува дека Атина ги спроведува реформите, што и покажуваат подобри економски резултати во презадолжената земја на југот на Европа. Министерството наведе дека не е запознато со документот на Бундесбанката на која весникот Шпигл се повикува во текст во кој се тврди дека Европа ќе договори нов пакет помош за Грција, наведувајќи дека и постоечкиот пакет помош носи многу сериозни ризици.
Загреб – Британската компанија Лојдс, угледен светски осигурител со традиција долга 325 години и уште 12 други европски осигурителни куќи најавија доаѓање на Хрватска. Така нашиот мал пазар стана многу жив, а како што стојат работите, ќе биде уште подинамичен. Сигурно ќе продолжи приливот на нови играчи, а каква ќе биде конкуренцијата и колкава корист ќе имаат од тоа граѓаните и претприемачите, ќе се знае кога ќе проработат и првите понуди. Од 1 јули хрватскиот финансиски пазар е отворен кон сите компании од подрачјето на ЕУ и осигурителите слободно можат да влезат во него, со претходна најава до Хрватската агенција за надзор на финансиски услуги Ханфа. Истото правило важи и за домашните осигурители кои ќе се појават на пазарот во Унијата.