19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИТТК Банка АД Скопје за период јануари - јуни 2021 оствари добивка...

ТТК Банка АД Скопје за период јануари – јуни 2021 оствари добивка од 40,6 милиони денари

Во периодот од 1.1.2021 до 30.6.2021 година, ТТК Банка АД Скопје, приспособувајќи го своето работење на специфичните економски и пазарни услови предизвикани од пандемијата на вирусот COVID-19, постигна ефикасна реализација на приоритетните цели и задачи во согласност со Деловната политика и со финансискиот план на Банката за 2021 година.

Преку своето редовно оперативно работење, Банката успеа да генерира позитивен нето-оперативен приход пред исправките на вредност во износ од 87,7 милиони денари, кој е за 43,1 % повисок во однос на истиот период минатата година, како резултат на побрзиот раст на оперативните приходи во однос на оперативните трошоци. Во истиот период, исправката на вредност на финансиски и нефинансиски средства на нето-основа изнесува 47,1 милиони денари.

Финансискиот резултат за период јануари – јуни 2021 година изнесува 40,6 милиони денари, што е за 32,3 % повисок во однос на истиот период минатата година. Во однос на финансискиот план за 2021 година, финансискиот резултат го надминува планираниот резултат за овој период за 23,2 %. Остварениот позитивен финансиски резултат во првата половина од 2021 година е со квалитет што ја зацврстува стабилноста на Банката и перспективата за здрав раст во наредниот период.

Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нетоприходи од камати во периодот од 1.1.2021 до 30.6.2021 година изнесуваат 130,8 милиони денари и бележат намалување од 3,2 % во однос на истиот период минатата година. Планираните нето-приходи од камати се остварени со 97,8 % од Буџетот.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 92,7 милиони денари и се зголемени за 52 % во однос на минатата година. Најголем придонес во генерирањето на приходите од провизија има зголемениот обем на трансакции во платниот промет во земјата како од секторот население така и од секторот стопанство, како и провизиите коишто потекнуваат од кредитирање. Нетоприходите од провизии и надоместоци за услуги се остварени со 105,9 % од планираните за овој период.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 5,2 милиони денари и бележат раст од 20,7 %. Во однос на планот се остварени со 109,7 %.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 20,9 милиони денари и се остварени со 96,6 % од планираните за овој период.

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 164,4 милиони денари и во однос на минатата година се повисоки за 3,5 %, како резултат во
најголем дел од повисоки материјални и административни трошоци. Планот е остварен со 95,7 %.

Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 46,9 милиони денари или за 53,5 % повисока во однос на истиот период претходната година и истата соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на
пласманите на Банката.

Во првата половина од 2021 година прокнижена е загуба заради оштетување на нефинансиските средства во износ од 0,1 милиони денари.

Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП