24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОхридското Езеро засега го задржува статусот на УНЕСКО

Охридското Езеро засега го задржува статусот на УНЕСКО

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на својата 44 сесија, која се одржува во Фуџу, Кина, донесе одлука Природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност.

Со оваа одлука, Северна Македонија и Албанија се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство.

Двете земји добиваат повеќе време за да ги исполнат препораките кои произлегуваат од реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини се заблагодари за одобрувањето на дополнителен период до исполнување на препораките.

„Посебна благодарност до Босна и Херцеговина и Руската Федерација за поддршката во овие заложби, како и на делегациите на Кина, Саудиска Арабија, Унгарија и Шпанија. Истотака благодарност до колегите од Австралија и Норвешка за континуираните пријателски совети и поддршка“, рече Нуредини.

Нагласи дека е задоволен што Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе се добие на време за властите да ја комплетираат заштитата на ова природно и културно светско наследство.

„Сепак, ова значи дополнителна одговорност, затоа сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација. Затоа ги поканувам сите чинители, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации“, порача Нуредини.

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска по тој повод изјави: „Остануваме впишани на престижната листа на УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа“.

Стефоска порачува дека оваа одлука е последна шанса, последен аларм да се интензивираат активностите на сите засегнати страни со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион.

Покрај засилената конкретна соработка со Албанија, во периодот кој претстои, Стефоска вели дека ја засилуваме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери со цел соодветна рехабилитација и управување со Охридско-Струшкиот Регион.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП