20 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

vesti-svet

Најнови вести од светот 13.08.2013 година

Белград – Трудовата инспекција лани поднесе само 42 решенија за спречување на работниците да користат годишен одмор, кој им е гарантиран со закон, а до јуни оваа година 25. Меѓутоа, оценка на синдикатот е дека од 700.000 до милион вработени во Србија не можат да одмараат толку колку што законски им следува. Според весникот „Новости“, главно се работи за луѓе што работат на одредено време, во приватниот сектор или дури не се ни пријавени.

Подгорица – Уривањето на најстариот подгорички хотел „Црна Гора“ предизвика жестоки реакции во јавноста, посебно кај опозицијата. И додека Управата за инспекциски дејности соопшти дека по тој повод ќе покрене постапка, адвокатот Бранислав Лутовац смета дека тоа сепак е работа за Обвинителството. Од Управата за инспекциски дејности покрената е постапка еден ден пред Министерството за туризам и одржлив развој да обелодени дека дел од хотелот кој е урнат во четвртокот вечерта, всушност бил планиран за реновирање и надградба.

Подгорица – Оф шор фирмата „СЕАС Холдинг лимитед“ на Олег Дерипаска пред Стопанскиот суд пријави побарување од КАП во износ од 50,08 милиони евра. „СЕАС Холдинг лимитед“ е регистрирана на Кипар, а наведената фирма со црногорската Влада дели мнозинска сопственост во подгоричкиот Комбинат за алуминиум КАП, кој е во стечај. Подгорички „Вијести“ наведува дека тоа е само прва од неколкуте пријави на Дерипаска, бидејќи може да се очекува пријава на неговата „Ен плус група“, но и на руската ВТБ банка во која биле парите на рускиот тајкун, своевремено позајмени на КАП.

Брисел – Од европската криза најмногу се погодени Фиат, Сеат, Пежо-Ситроен, Опел, кои значително ги намалија своите загуби, а во втората половина на годината чекаат идни подобрувања. Експертите неодамна утврдија дека европскиот пазар за автомобили оваа година ќе падне на ниво најниско во последните 20 години. Меѓутоа, од германскиот Универзитет Дуизбург стигна студија која порекнува дека сепак европските производители кои се најзависни од тој пазар, оваа година ќе почнат да зајакнуваат. Експертите од Универзитетот Дуизбург во својата традиционална студија ја измерија добивката и профитната стапка по автомобил, исклучиво во основните дејности на производителите на луксузните и масовните лимузини, а пред плаќањето на каматите и даноците и утврдија дека Фиат во првата половина на оваа година имал загуба по автомобил од 130 евра, Сеат 164 евра, Пежо-Ситроен 349 евра, а Рено 457 евра.

Варшава – „Етихад ервејз“ преговара со полските власти за купување на Полската авиокомпанија ЛОТ. Се наведува дека преговорите се веќе во завршна фаза, но можат да потраат неколку месеци додека не се заврши целиот процес. Веќе неколку години, обидите ЛОТ да се приватизира останале неуспешни. Тамошното Министерство за финансии кое го контролира мнозинството државни фирми и нивната приватизација, сака да го поддржи најновиот план за реформи на авиокомпанијата под истите услови.

Москва – Се поголем број Руси не го одобруваат доаѓањето на странски работници. Руската полиција покрена нова кампања за фаќање и протерување на илегалните гастарбајтери. Во последната недела само московската полиција провери 1.238 објекти на кои работат имигранти и фати 4.200 нелегални гастарбајтери, а 507 лица ќе мора да се вратат во земјите, од каде што дошле.

Москва – Русија влезе во период не економска стагнација, но не е во рецесија, рече рускиот министер за економски развој, по податокот за стопанскиот раст. – Нема рецесија и нема да има, рече министерот Алексеј Уљукајев во интервју за весникот „Комерсант“ и додаде дека веројатно одговара терминот стагнација, бидејќи растот е многу мал. БДП на Русија порасна за 1,2 отсто во второто тримесечје оваа година во однос на истиот период лани, по растот од 1,6 отсто во првото тримесечие, покажаа прелиминарните податоци, кои во петокот ги објави Сојузниот институт за статистика.

Пекинг – Во Кина се регистрирани 442.000 фирми со странски капитал до крајот на јули, што е нешто повеќе од претходниот месец, покажаа податоците на САИК. Нивниот регистриран капитал е 12,09 илјади милијарди јуани (1,95 милијарди долари). Кина имала вкупно 14,38 милиони регистрирани фирми до крајот на јули, што е 2,97 отсто повеќе во однос на претходниот месец, се додава во соопштението.

Брисел – Банките во Европа затвориле 5.500 подружници само во 2012 година, со што овој број на затворени подружници од почетокот на кризата достигна 20.000. За да ги намалат трошоците, банките ја намалуваат физичката достапност и се вртат кон работа на интернет. На 2.300 жители сега постои само една подружница на банки, што е за осум отсто помалку од пред четири години, покажуваат податоците на Европската централна банка. Многу жители во тој период останаа без едноставниот пристап на банкарските услуги.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП