19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнгеловска-Бежоска: Поголемата вклученост на жените во банкарскиот сектор и воопшто во сите...

Ангеловска-Бежоска: Поголемата вклученост на жените во банкарскиот сектор и воопшто во сите општествени сегменти, носи бројни економски придобивки за целото општество

„Поголемата вклученост на жените во банкарскиот сектор и воопшто во сите општествени сегменти, носи бројни економски придобивки за целото општество. Истражувањата за централнобанкарската заедница упатуваат дека поголемото учество на жените во телата за одлучување за монетарната политика значи и поголемо ниво на ценовна стабилност“, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за документарниот магазин „Приказна“, посветено на вклученоста на жените во банкарскиот сектор.

Во документарниот магазин беше истакнато дека Народната банка е позитивен пример за инклузијата на жените, како од аспект на нивната застапеност во вкупната и управувачката структура, така и од аспект на валоризацијата на нивниот труд.

„Централната банка е добар пример за родовата застапеност. Учеството на жените во вкупниот број вработени е околу 60%. Учеството во раководните структури е близу до 70%. Оваа констатација е релевантна за сите нивоа на раководството – ние имаме оперативно, тактичко и стратегиско раководство. Во рамките на стратегиското раководство, од тројца вицегувернери, две се жени. Би потенцирала дека предлогот до Собранието за нивен избор, доставен од моја страна, не беше затоа што тие се жени, туку затоа што ги имаат потребните, соодветни квалификации за да можат да им одговорат на таквите исклучително одговорни позиции“ – напомена Ангеловска-Бежоска.

Сепак, ситуацијата со застапеноста на жените во управувачките структури во банкарскиот сектор кај нас е поразлична. Учеството на жените во управните и надзорните одбори во банките во нашата земја е околу 30%, а има и неколку банки каде што жените воопшто не се застапени во управните, односно надзорните одбори. Ситуацијата во меѓународни рамки не е многу поразлична, односно согласно со индексот за родова еднаквост на ОМФИФ, жените учествуваат со 23% во управните и со 30% во надзорните одбори во банкарскиот сектор, во просек.

„Ставањето на женскиот потенцијал во функција, не е само од аспект на квантитетот, односно затоа што е потребна повеќе работна сила, туку и затоа што се смета дека жените се одликуваат со посебни карактерни особини, како што се прагматичноста, одбивноста кон ризик, поголемата темелност и сето тоа придонесува за една поконзистентна средина, дава поинакви перспективи во процесот на одлучување. На крајот се оценува дека сето тоа води кон пооптимални одлуки во процесот на стратегиското одлучување на институцијата. Оттаму, јасно е дека поголемото учество на жените носи придобивки за сите“ – истакна Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката нагласи дека од особено значење е и пристапот на жените до финансиите. Податоците покажуваат дека 80% од мажите кај нас имаат банкарски сметки, додека кај жените процентот е помал – околу 70%. Во однос на пристапот до кредити, 45% од вкупните кредитокорисници се жени, а 55% се мажи, додека ако се гледа според износот на кредитите, само 38% од кредитите на населението ги користат жените. Овие бројки укажуваат на потребата од преземање натамошни мерки, а една од позначајните активности за поттикнување на пристапот до финансии е финансиската едукација. Затоа, како што посочи Ангеловска-Бежоска, и во првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија се дава простор за поголема инклузија на жените во финансиите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП