19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата испраќа ревизори во компаниите, сметководителите велат тоа е незаконски!

Владата испраќа ревизори во компаниите, сметководителите велат тоа е незаконски!

Сметководителите и Владата во нова преписка. Од Илинденска број два до сметководствените друштва се испратени барања за проверка на документацијата за искористеноста на државната помош. Владата ангажирала ревизорска куќа која ќе ги проверува сметководителите за исплатата на субвенционираните плати за вработените за април мај и јуни 2020 година. Од Комората на сметководители испратија апел до фелата, никој да не доставува податоци, со образложение дека никаде не е наведено дека ревиозри ќе вршат инспекција на нивната работа.

Сметководителите за Денар велат дека ова што се случува изминативе денови е целосна небулоза. Имено, до Комора на сметководители пристигнале бројни реакции од сметководителите, за примени барања за достава на документација од страна на ревизорската куќа Гранд Торнтон ДОО Скопје, ангажирана од Генерален секретаријат на Влада за вршење ревизија за трошење на средствата од финансиската поддршка за април, мај, јуни 2020 и придонеси за април и мај 2020. Вакво нешто никогаш не било најавено ниту споменато дека ќе се бара од нив, вели Александра Андреева од Комората на сметководители. Не знае која е причината што сега власта решава да прави дополнителна ревизија кога сите податоци се јасни во Управата за јавни приходи. Плус вели ова се случува во време на летни одмори кога добар дел од сметководствените компании работат со преполовени сили.

„Она што беа докторите во здравствениот аспект од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19, тоа беа сметководителите во економскиот. Спроведувањето на сите економски мерки за компаниите одеше токму преку сметководителите, а во најголем дел не можевме ниту да наплатиме. За целото време реагиравме за честите измени, доцнењето со имплементација, ригидни рокови и условите кои се бараа, сепак, со макотрпна работа и посветеност, финансиската поддршка стигна до компаниите. Ваква одредба за ревизија не беше пропишана во ниту една уредба која се однесуваше на конкретната финансиска поддршка, па оттаму, нејасно е зошто една државна институција си дозволува вакво самоволно и тенденциозно постапување. Користејќи ја својата позиција, оваа институција кршејќи ја законската регулатива наметнува дополнителна обврска на сметководителите, кои ниту се ангажирани за тоа, ниту пак платени од нарачателот на ревизијата“, вели за денар Александра Андреева.

Денар стаса и до дописот на Генералниот секретаријат на владата кој им беше испратен на сметководителите. Еве што стои во него:

„Генералниот секретаријат на Владата на Северна Македонија го ангажираше Друштвото за ревизија Грант Торнтон доо Скопје да направи ревизија на користењето на средствата од финансиската поддршка на работодавач за исплата на плати за месеците април мај и јуни 2020 година и исплата на придонеси за месеците април и мај 2020 година финансисрана од Светска Банка. За таа цел, Ве молиме да ги доставите до нашите ревизори Грант Торнтон информациите, податоците и документите наведени во Прилог 1 и Прилог 2 кон овој допис“, стои во дописот од Генералниот секретаријат на Владата.  

Комората на сметководители реагираше до Владата за ова и побара повлекување на овие барања. За истово тие побараа и мислење од Управата за јавни приходи, како институција преку која одеше имплементацијата на мерките, а во краен случај и надлежна за контрола. Дотогаш, апелираат до сметководителите да не доставуваат документација, дополнително и поради судирот на интереси кој може да настане во целата постапка.

Инаку, оваа не е прв пат Комората на сметководители да е во недоразбирање со владините служби. Речиси цела ланска година тие имаа несогласување со Владата особено со Министерството за економија за пролонгирање на рокот за поднесување на завршните сметки. Власта остана категорична на својот став дека роковите нема да се менуваат, а пак тој инает како што го класифицираа сметководителите велеа дека може да резултира со достава на паушални и неточни податоци поради краткото време и намалениот број на вработени поради ковид кризата и тоа да резултира негативно врз целокупната економија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП