29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГостите дисциплинирани, пазарна досега не напишала ниту една казна за кршење на...

Гостите дисциплинирани, пазарна досега не напишала ниту една казна за кршење на свадбените протоколи

Сопствениците на рестораните за организирање на свадби и други прослави задоволни од тоа како досега се однесуваат гостите. Велат дека тие максимално се придржуваат до новите правила  по кои се организира една свадбена или друг вид на веселба. Свесни се дека многу поразлично изгледаат од пред Ковид кризата, но засега тоа е начинот по кој може да се органзираат, а сите присутни да бидат заштитени.

-Генерално самосвеста е на високо ниво и сите се придржуваат до пропишаните мерки. Гостите се дисциплинирани. Иако понекогаш има мали потешкотии , имаме одговорни лица во објектите кои се грижат за почитување на протколот. По 16 месеци пандемија, голем дел од гостите или веќе имале контакт со вирусот или пак се вакцинирани, вели за Денар Марија Синадиновска Арсовска, сопственик на ресторан за прослави.

И од пазарниот инспекторат велат дека досега не е напишана ниту една казна.

-Ниту една казна не е напишана досега од страна на ДПИ, во поглед на прекршување на протоколот за организирање свадби и други семејни прослави. Од 01.06.2021 година кога беа објавени измените и дополнувањата на Протоколите во кои се таксативно наведени начините на спроведување и организирање на прославите, извршени се над 200 надзори на територијата на Р. Северна Македонија. Не е констатиран ниту еден прекрошок и организаторите и гостите се дисциплинирани. Ова се должи на добрата соработка на угостителите кои уште веднаш по донесување на протоколот беа заинтересирани во поглед на објаснување на сите точки кои што ги разгледавме заедно и поединечно ги објаснивме. Се надеваме дека ќе се продолжи почитувањето на Протоколот и во иднина се до донесување на некои нови протоколи, вели за Денар Александра Котели од  ДПИ.

Угостителите се надеваат дека по 15 јуни ќе им биде дозволено да ги користат и внатрешните делови од објектите. Ова е од особена важност за оние сопственици на ресторани кои немаат отворени летни тераси.

-Очекуваме дека по 15 јуни согласно стабилната епидемиолошка слика, да се отстранат дел од рестикциите кои се на сила. Очекуваме отпочнување со работа на рестораните кои имаат затворени сали, без ограничување на полицискиот час и дозвола за организирани настани над 100 гости, но не повеќе од половина од капацитетот на угостителскиот објект, вели Синадиновска Арсовска.

Инаку според протоколот, на сите гости на влезот во ресторанот им се мери температура. На една маса е дозволено да седат максимално шест лица. Масите се на одредено растојание. Музичарите за да можат да свират на свадба, треба да поседуваат лиценца. Тие исто така се на дистанца  од масите со гости. Подиумот треба да биде доволно голем за да има растојание при играње. Гушкање и било каков физички контакт е забранет. Хигиенско- санитарните мерки се подигнати на највисоко ниво во секој ресторан. Персоналот постојано носи заштитна опрема, а редовно треба да се врши и дезинфекција на тоалетите. На секоја маса се поставени средства за дезинфекција на раце и потсетници за почитување на мерките. Засега бројот на гости на прославата е ограничен на 100.

Организаторите на свадби и други семејни прослави имаа забрана за работа повеќе од една година. Во земјава има околу 200  ресторани за прослави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП