24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМузичарите разочарани и револтирани, во петок излегуваат на протест!

Музичарите разочарани и револтирани, во петок излегуваат на протест!

По одлуката на Владата дека од први јуни е дозволено да се организираат свадби и останати семејни прослави во кои е дозволено жива музика, но не и во останатите угостителски објекти ги налути музичарите и тие револтот ќе го изразат во петок на протест. Дополнително, угостителите не се задоволни од одлуката на властите да може да се организираат настани и прослави само во отворениот дел од локалите, а не и во затворениот.

Музичарите како и угостителите долго време чекаа бројките на заразени од корона вирусот да се намалат и да биде овозможено организирање на свадбени и останати семејни прослави како и бизнис настани и семинари во локалите. Но одлуката дека жива музика ќе има само на свадбите и тоа во целост не се знае до која мера, односно како ќе се одвива целата прослава се уште ги држи во неизвесност музичарите и угостителите, а со тоа и самите младоженци односно оние кои ќе планираат свадба или некоја друга прослава. Најголем проблем за музичарите е дека во останатите локали ќе нема можност за жива музика. Музичарите апелираат до владата да ја поништи одлуката и да дозволи жива музика во сите угостителски објекти, секако со одредени протоколи бидејќи како што велат тие повеќе од 15 месеци не биле во можност да ја работат својата дејност.

 „Ова е нашето последно обраќање во кое ја користиме оваа интонација и динамика во изјавата! Како што и претходно потенциравме, ние како Здружение за унапредување на правата на СИТЕ музичари без разлика на националност и етникум, досега во целост се трудевме да изградиме коректен однос со надлежните институции следејќи ги сите протоколи во комуникацијата, конструктивно и достоинствено, одговарајќи на сите нивни задачи и предлози за наша организација, со цел да послужат како стожер во изградбата на функционална инфрастуктура во корист и заштита на цела една професија од непроценлива културна вредност. За жал исходот од нашите културни напори за позитивни резултати и со помош на државните органи да ја ублажиме болката од стрмниот финансиски пад и деградација на цел еден еснаф, го знаете сите. И покрај сите наши напори, не успеавме да ја рабереме логиката на последната официјална објава по одлуката на владата за олабавување на мерките. Зошто свадбите и музичарите кој настапуваат по свадби би биле привилегирани сега во однос на другите? Каде се протоколите за мали настани (кафичи, ресторани, ноќни клубови, барови, кафани, и други угостителски објекти) кои ви ги предадовме изминатото лето? До кога ќе трае оваа дискриминација, бидејќи за тоа се работи, ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА?“, велат од Здружението „Музика сега“.

Музичарите велат дека апсурдна е цела ситуација, или поточно секоја од донесените мерки на Владата или министерот за здравство Венко Филипче. Вака го почнува разговорот со Денар, Даниел Сидовски кој е вокален солист на музичката група Респекти. Освен за музичкиот дел тие очекувале и бројот на гости кои ќе може да присуствуваат на една прослава да биде значитечно поголем, барем 50 отсто од капацитетот, а не како што е одлуката сега 30 отсто. Ставот на музичарот е дека на народот му е потребна музика, тоа е невидена психологија која влијае позитивно на сите настани во светот.

„Очекувано беше и знаевме дека со една третина од вакцинацијата на граѓаните ќе ги изречат “демек” овие олабавени мерки, кои се нелогични во секој поглед за граѓаните поготово за нашите бранши кои се поврзани со свадбената индустрија. Ние како музичари бевме досега неосновано осудувани, а се докажа дека не сме ни директни причинители за моменталната ситуација со ковид вирусот, седевме дома и ќутевме толку време, а за тоа сме многу благодарни на граѓаните кои не омаловажуваа и навредуваа со најпогрдни зборови. Да не напоменуваме колку бевме изоставени оваа година и пол откако седиме дома, и како естрадни уметници која е посебна културна клапа на луѓе беше заборавена во секој сегмент. Не бевме почитувани од владата, не бевме третирани како што ние знаеме да оддадеме почит кога ќе ни дојдете на Свадба, во ресторан или кафана, а тогаш сите тие врвни владини луѓе изиграваат галантни пред гостите, за сега да заборават на сето тоа што го правевме со години за нив. Е од сега знаеме и ние како да постапиме. Нели, се по заслуга!“, вели за Денар Даниел Сидовски од Група Респекти.

А пак, од Независната угостителска комора сметаат дека мора да има промена во правилата за игра во однос на новите мерки. Од НУК бараат музичарите да се вратат во кафулињата и другите објекти, а да не биде пропишано дека музичари се дозволени само на свадби. Од НУК тврдат и дека мора да се зголеми горната граница на ограничувањето на децибелите на музиката во објектите. Угостителите велат дека моментално дозволените 50 децибели гласност во локалите е премала бидејќи во моментот кога до локалот ќе помине автомобил или некое друго возило не се слуша буквано ништо. Толку е гласноста на 50 децибели.

 „Безвредна е препораката да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица ако присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол. За какви веселби и прослави дискутираме односно какви протоколи Комисијата за заразни болести предлага ако присуството на т.н. музичари и понатаму е „забрането” односно „дозволено” само на свадби. Да не се чудиме ако од утре во секој угостителски објект гледаме младоженци односно сите угостителски објекти преку ноќ организираат свадби со присуство на музичари“, велат  од НУК.

Од туристичко угостителската комора при ССК велат дека постои дискриминација или неправда и во однос на локалите каде е дозволено да се организираат свадбени прослави или останати настани. Правилото вели свадба може да се организира на отворениот  простор или на летната тераса од рестораните, но тоа според угостителите,  од 150 регистрирани објекти за свадба, во Македонија  има само неколку кои имаат целосно отворена тераса. Останатите се затворени со шатори, тенди или останати „меки“ или монтажни градби.

Инаку, туристичко-угостителскиот сектор заедно со музичарите на неколку пати организираа протести и бараа да може да работат по строги протоколи. Сега, се дозволени свадби каде се уште не е дефинирано каква ќе биде или дали воопшто ќе има забава со играње или ќе биде само вечера со седење на маса. Музичарите оставија два дена на властите да ги дадат деталите и како што велат да ја поправат грешката, со што ќе им се  дозволи да си ја работат својата работа, инаку протестот ќе биде неизбежен.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП