„Vonovia“, најголемиот оператор на апартмани за изнајмување во Германија, објави дека сака да го преземе својот најголем конкурент „Deutsche Wohnen“ за околу 18 милијарди евра.
„Vonovia“ ќе понуди 52 евра по акција на „Deutsche Wohnen“, проценувајќи ја компанијата на 18 милијарди евра, а премијата на цената на затворањето во петокот е поголема од 15 проценти. „Deutsche Wohnen“ исто така има нето долг од 11 милијарди евра.
Акционерите на „Deutsche Wohnen“ исто така би добиле дивиденда од нешто повеќе од едно евро по акција. Трансакцијата ќе биде финансирана од „Vonovia“.
За разлика од 2016-та година, кога „Deutsche Wohnen“ ја одби понудата од својот ривал, овој пат трансакцијата ќе биде поддржана од двете компании.
Со пазарна капитализација од 30 милијарди евра, „Vonovia“ е скоро двојно поголема од „Deutsche Wohnen“, чие портфолио на недвижнини е исто така групирано во Берлин, еден од најатрактивните пазари на недвижнини во Германија. Двете компании се дел од „Dax“, германскиот „blue-chip“ индекс.
Добро упатени извори велат дека потенцијалната зделка, која прво ја објави „Bloomberg“, може да биде објавена наскоро. Сепак, тие истакнаа дека сѐ уште е можно разговорите да не успеат.