20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИУлица во Белград именувана по Драган Сакан, еден од основачите на агенцијата...

Улица во Белград именувана по Драган Сакан, еден од основачите на агенцијата Њу Момент

Во пресрет на одбележувањето на 10-годишнината од смртта на Драган Сакан, пионер на маркетингот на Балканот и основач на креативно размислување во Србија и земјите од регионот, градот Белград доби улица со неговото име. Посветувањето улица на еден „маркетинг волшебник“, како што сѐ уште го нарекуваат Сакан, е признание и за целата комуникациска фела бидејќи ова е прва улица именувана по човек од маркетинг професијата.

Драган Сакан, кој е роден на 19 јули 1950 година, беше визионер кој веруваше дека идејата е најсилната валута. Тој е еден од основачите на маркетинг агенцијата New Moment New Ideas Company, една од најнаградуваните маркетинг куќи на Балканот, која денес успешно ја водат неговите синови Жарко Сакан и Лазар Сакан.

Сакан воведе светски стандарди во маркетингот и дизајнот на поранешните југословенски простори. Тој е еден од првите креативни директори во Источна и Централна Европа, а во долгогодишната кариера беше претседател и член на многу жирија на фестивали ширум Европа и светот, како и идеен творец и продуцент на многу проекти од различни општествени, социјални и креативни области.

Реномираниот магазин Advertising Age од Вашингтон го опиша како „речиси митска личност, човек кој пропагандата ја трансформираше во рекламирање во регионот“. За Драган Сакан е пишувано во книгите „Како успеавме: 13 легенди за југословенскиот бизнис“, „Најсветлите духови на Србија“, „Култни ликови на Белград“, „Кој е кој во Србија“, а самиот тој е автор на три книги: „Убава жена“ (1996), „Нова комуникација“ (2005) и „Жена со нова идеја – мојата професија е Драган Сакан“ (2010). Добитник е на бројни домашни и интернационални награди, меѓу кои е и наградата за животно дело на UEPS, Белград во 2000 година.

Животната, но и професионалната филозофија на Драган Сакан се засноваа на постулатите „Идејата е најсилната валута“, „Ништо не се постигнува ако претходно не се сонува“ и „Најдобро се гледа со срцето“. Неговиот визионерски дух и идеи инспирираа многумина и продолжија да живеат низ сите оние кои го почитуваат и го следат неговиот пат.

Компанијата „New Moment New Ideas“ го реализираше сонот на Сакан по неговата смрт на 3 октомври 2010 година, освојувајќи 10 Кански лавови од 2013 година до денес.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП