20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа граѓани им се брза да „рипнат во тавче“ – рестораните секој...

На граѓани им се брза да „рипнат во тавче“ – рестораните секој ден закажуваат по десетици свадби

Голем интересот за свадби, закажани термини има од јуни

Откако надлежните најавија дека најверојатно од следниот месец ќе се дозволи организирање на свадби и други прослави, секојдневно голем број на млади се јавуваат во рестораните за да ја закажат својата свадбена веселба, велат угостителите. Дневно има по десетици резервации. Угостителите се надеваат дека наскоро конечно ќе можат да работат.

“Можам да кажам дека секој ден имаме многу повици, интересот е навистина голем. Тука се вклучени и оние младенци чии свадби минатата година беа откажани поради пандемијата и сега повторно се закажани, но има и доста нови гости. Во просек дневно има околу 40-тина резервации и тоа е доста висока бројка со оглед на тоа дека сѐ уште е неизвесно кога точно ќе се дозволи да ги отвориме рестораните. Закажани термини има од јуни па сѐ до септември. Но, има и такви кои се јавуваат само за да се информираат кога ќе почнат свадбите, како ќе се организираа итн”, вели Марија Синадиновска Арсовска, сопственик на ресторан за свадби.

Се надева дека од следниот месец повторно ќе ги отворат вратите за гостите и оти Комисијата за заразни болести ќе ги прифати предлог-протоколите за работа.  

“Сметаме дека на нашите ресторански маси треба да се дозволи да седат максимум шест возрасни лица и две деца. Бројот на гости да биде преполовен. Гостите нема да има потреба да носат маски затоа што персоналот кои ќе ги служи ќе носи заштитна опрема. Масите да бидат на дистанца. Да биде дозволена музика зашто сите знаеме дека нема свадба без музика. Да има простор помеѓу музиката и гостите. Постојано да се врши дезинфекција на тоалетите, да се внимава сите гости да ги почитуваат мерките за првенција”, додава Синадиновска Арсовска.

Според неа, ваквите правила за организирање прослави се користат уште од минатата година во околните земји.

Организаротите на прослави апелираат до надлежните навреме да ги добијат правилниците за работа – две до три недели пред да им се дозволи да работат, за да имаат доволно простор да ги подготват објектите и да ги информираат младоженците за правилниците по кои ќе се организираат прославите.

Пред неколку дена министерот Филипче посочи дека ако продолжи да се подобрува епидемиолошката слика во земјава се размислува од следниот месец да се дозволи организрање на свадби и други прослави –  на отворено и со строго утврдени протоколи.

Рестораните за свадби повеќе од една година се затворени и без протоколи за работа. Тоа беше причина во изминатиот период неколку пати да излезат на протести барајќи правилници за работа по кои функционираат останатите угостители и да бидат финансиски поддржани сѐ до моментот кога ќе им се дозволи повторно да работат.

Во земјава има над 150 ресторани за свадби.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП