Пред извесно време „Mercedes-Benz“ објави дека ќе создаде целосно нов модел – „T-Class“, а сега покажа и што ќе биде. Компанијата го претстави концептниот модел „EQT“, кој работи на електричен погон, но сериската верзија ќе добие и бензински и дизел единици.

Идната „T-Class“ е всушност патничка верзија на миниванот „Mercedes“, кој ќе го замени сегашниот „Citan“ на светските пазари. Како и досега, автомобилот се базира на третата генерација на „Renault Kangoo“, кој беше ажуриран во ноември минатата година.

Дизајнерскиот тим на „Mercedes“ успеа значително да го подобри луксузот што го нуди новиот модел. Ја добива истата решетка на ладилникот како предводникот „EQS“, со „LED“ фарови на секоја страна напред. Рачките на вратите се скриени, а во задниот дел има пар „LED“ светла поврзани со светлосна линија под задното стакло.

Должината на миниванот е 4.945 mm, а од двете страни има лизгачки врати. Тие се отвораат доволно широко за патниците лесно да стигнат до третиот ред седишта. Внатрешноста има елементи на „EQS“ и новата „С-Class“, но сепак може да се види дека станува збор за лесно товарно возило. Во внатрешноста на концептот оставаат впечаток кожните седишта и мултифункционалниот волан.

Техничките детали во врска со опремата и капацитетот на товарот сè уште не се откриени, но според оние кои се добро запознати, електричната верзија ќе се потпира на батерија со капацитет од 44 kW/h, што ќе обезбеди домет од 295 километри со едно полнење.