24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо петок ќе се знае дали ќе има свадби годинава!?

Во петок ќе се знае дали ќе има свадби годинава!?

До крајот на неделава Комисијата за заразни болести ќе одлучи дали годинава ќе се организираат свадби, и со какви протоколи. Информациите до кои дојде Денар велат дека освен можноста за организирање на семејна прослава, ќе следуваат и дополнителни олеснителни мерки со образложение дека бројките на новозаразени во континуитет се намалуваат. Последните најави на властите беа дека можно е организирање на свадбена прослава кон крајот на месец мај. Но тоа ќе зависи секако од епидемиолошката слика на државата, односно за да се дозволи не само правење свадби и останати семејни прослави во угостителски објекти прво ќе мора драстично да паднат бројките на заразени граѓани од Ковид 19.

Утрово на својот Фејзбук профил министерот за здравство Венко Филопче објави дека е одлучено да се намали полицискиот час, да се продолжи работното време на угостителите и да се организираат настани на отворено.

„Да се скрати рестрикцијата на движење, односно полицискиот час да трае од 24 часот до 05 часот наутро. Угостителските објекти да работат до 23:30 часот, да се укине забраната за работа на фитнес центрите и теретаните. Органзирање на настани на отворено и затворено со почитување на протоколите од 2020 година, односно присуство на 30 % од целосниот капацитет. Капацитетот на градинките се зголемува на + 5 дечиња, односно од 15 на 20 деца во група. Здравствените работници ќе може да ги искористат старите и новите годишни одмори,“ напиша Филипче.

А угостителите на последната средба неодамна во владата побарале од почетокот на идниот месец да може да организираат свадбени и други семејни прослави во своите локали. Секако, тие настани да бидат по строги протоколи со запазување на мерките за превенција од корона вирусот. Оваа проблематика ги тангира само угостителите кои своите објекти ги имаат категоризирано за организирање на свадби, а токму за нив веќе една година на сила е забрането такво нешто, односно не смее да се организираат никаков вид на настани во затворени, а ниту пак на отворен простор како на летна тераса или бавча која е дел од угостителски објект. На состанокот угостителите побарале и финансиски да им бидат покриени месеците во кои се затворени, со образложение дека новиот најавен пакет не им е од голема помош.

 „Имаме најава дека до крајот на овој месец ќе има позитивна промена, односно олабавување на протоколите за заштита од ширење на вирусот. За нас е најважно да имаме безбедни услови за работа и самостојно без финансиска поддршка да може да продолжиме понатаму. Се надеваме дека такви услови ќе се создаваат во наредниот период со оглед на тоа дека бројките на новозаболени се намалуваат, а почнува да добива на динамика и процесот на вакцинација“, велат од Сојузот на стопански комори.

Што се однесува до Независната угостителска комора, тие се на став дека мора под итно да се направат протоколи за работа на категоризираните објекти за свадби. Не само за рестораните, од ова бизнис здружение сметаат дека треба правила за работа да се направат и за ноќните клубови бидејќи според нив нивната работа значително не влијае врз бројот на новозаболени.

„Факт е дека мора да се направат протоколи. Ние во септември лани до Владата, до Комисијата за заразни болести и до Министерството за економија доставивме предлог протоколи за работа кои не беа само од национален карактер, туку и од регионален. Се со цел да се усогласат со сите оние препораки од Светската здравствена организација. Сметам дека треба да им се дозволи да работат и не само на нив туку и на ноќните клубови, особено оние кои работат на отворено.“

Само пред неколку дена министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека е се поизвесно дека свадбите и останатите свечености би можеле да се организираат од јуни, но за тоа ќе мора зелено светло да даде Комисијата за заразни болести. Министерот беше дециден дека се ќе зависи од тоа како ќе се движи ситуацијата со новозаболени од корона вирусот.

„Рестораните за свадби најверојатно ќе почнат да работат кон крајот на мај ако заедно со Комисијата за заразни болести утврдиме дека бројот на заразени се намалува. Како што гледате, веќе секоја недела носиме полабави мерки во однос на рестриктивните мерки предложени од Комисијата”, вели Крешник Бектеши, Министер за економија.

На средбата со Владата угостителите дискутирале за можностите за поддршка кои ги нудат петтиот и шестиот пакет на економски мерки кои се во фаза на реализација, како и за имплементација на мерката за државна гаранција за добивање кредити во комерцијалните банки, рестартирање на одредени бизниси и подобрување на ликвидноста. Се разговарало и за потребата од поедноставување на процедурите за аплицирање и да се направи претходна координација за да бидат опфатени сите погодени страни, зошто сериозни последици од кризата трпат и секторите кои немаат рестрикции во работењето.

Организаторите на свадби, или класифицираните ресторани наменети за секаков тип на настани подолг период бараа да можат да работат како сите останати угостителски објекти. Да може да примаат гости се со цел да не им пропаднат нивните бизниси. Тоа не го дозволуваше власта повеќе од една година, се до пред две недели кога властите одлучија и овие објекти да може да работат, но само на летните тераси и без притоа да се прават свадби, родендени, или останати веселби. Угостителите сега освен што чекаат дозвола за работа, односно дозвола за организирање на свадби, очекуваат и посериозна парична помош од државата со образложение дека моменеталната и најавената со шестиот пакет мерки нема да биде доволна.

Инаку, на неколку пати сопственици на категоризирани угостителски објекти за организирање свадби, музичари, претставници на салони за убавина и за невестински фустани, шминкерки, цвеќари и останати дејности од оваа индустрија излегоа на масовни протести и бараа да започнат со нивната примарна дејност. Тие се загрижени околку опстанокот на нивните бизниси, но стравуваат дека банките ќе почнат да си ги бараат парите кои како кредити им ги дале за отворање, реновирање и модернизирање на нивните објекти.   

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП