19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе има ли кој да ги управува македонските возови?

Ќе има ли кој да ги управува македонските возови?

За четири години од МЖ Транспорт во пензија заминале 70 машиновозачи, а биле вработени 14 нови. Голем дел од кадарот во претпријатието заминува и ретко може да се најде замена.

Од МЖ Транспорт велат дека во моментов има 118 машиновозачи, а за нормално функционирање на патничкиот и товарниот сообраќај по систематизација, потребни се 150 машиновозачи и 80 помошници.

Оттаму додаваат дека ваквите бројки покажуваат колку состојбата во овој дел е алармантна и на граница на одржливост.

-Во 2018 година во пензија заминале 18 машиновозачи односно помошници, а не е примен ниту еден нов машиновозач на работа. Во 2019 во пензија заминале 24 а примени се само 9 нови машиновозачи на неопределено време. Во 2020 година повторно имаме 14 работници кои заминале во пензија и повторно не е примен никој. Годинава заминуваат 14, а примени се нови 5 кои се на определено и работниот однос ќе им прекине на крајот од годинава. Но и во следните две години во пензија ќе заминат над 30 машиновозачи. Ова покажува дека состојбата во овој дел е алармантна, велат за „Денар“ од МЖ Транспорт.

Оттаму потенцираат дека и машините со кои располагаат се многу стари и често нивната поправка чини многу повеќе од новите влечни возила. Ситуацијата е речиси иста и во МЖ Инфраструктура. И за ова претпријатие тешко се наоѓа потребниот кадар за работа. Оттаму се надеваат дека со новите огласи ќе се најдат луѓе и ќе се надополнат празнините.

-Факт е дека се соочуваме со недостаток на кадар поради старост на вработените и нивно одење во пензија, но оваа година ќе имаме оглас за вработување на 46 нови работници, од кои 11 ќе бидат инженери кои заедно со 16 моментални претставуваат квалитетно надополнување, се вели во дописот од МЖ Инфраструктура.

Пандемијата како и секаде сериозен удар нанесе и врз македонската железница. Но и од двете претпријатија велат дека успеваат да се справат со последиците. Од Инфаструктура тврдат дека за среќа не се соочуваат со дополнителни загуби во секојдневното работење.

Освен недостатокот на кадар и старите машини, македонската железница се соочува со се помалку меѓународни линии. Во возниот ред можат да се забележат само домашните дестинации.

– Поради реконструкција на пругата во Србија, на делот од Ниш кон нашата граница, Србија Воз, не е во можност да го воведе во сообраќај возот, Белград-Скопје-Солун. Поради тоа овој воз, не е ставен во возниот ред на ЖРСМ Транспорт АД Скопје за 2020/2021. Во возниот ред е меѓународниот воз за Приштина, кој не сообраќа редовно од повеќе причини и тоа од една страна поради пандемијата , но и поради реконструкција на пругата во Косово и недостаток на возни средства, велат од МЖ Транспорт.

Според статистиката бројот на патници во железничкиот сообраќај драстично е опаднат. За разлика од кај нас, во светот сеуште многу се користи. Постојано се градат нови пруги кои поврзуваат се подалечни точки. Поради ваквата состојба Македонски железници се најде на листата претпријатија за кои Владата кон крајот на минатата година најави можна приватизација, за да се зголеми ефикасноста и економскиот раст и развој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП