Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ во вторникот објави дека очекува приход од 26 милијарди долари од вакцините против Ковид-19 оваа година, зголемувајќи ја проценката за повеќе од 70 проценти поради забрзаната имунизација на луѓето ширум светот.
Новата проценка се однесува на 1,6 милијарди дози на вакцини што компанијата ги разви во соработка со германскиот БионТек, а кои ќе бидат доставени оваа година, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Вакцините беа најпродаваниот производ на Фајзер во првиот квартал од оваа година и се проценува дека тие ќе учествуваат со една третина од годишната продажба на американската компанија.
Покрај тоа, Фајзер разговара со неколку земји за доставување вакцини во 2022 година и понатаму.
„Врз основа на она што го гледаме, веруваме дека побарувачката за вакцини против Ковид-19 ќе биде слична на онаа за грипот“, изјави извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.
За разлика од неколку други производители на вакцини, вклучително и „Џонсон и Џонсон“, кои најавија дека ќе работат на непрофитна основа до крајот на пандемијата, „Фајзер“ тврди дека ќе заработи пари од вакцините.
Ривалскиот американски производител Модерна проценува дека во 2021 година од својата вакцина ќе собере 18,4 милијарди долари.