18 мај, 2024
ПочетнаКОРОНАУгур Сахин: Европа ќе достигне колективен имунитет ова лето

Угур Сахин: Европа ќе достигне колективен имунитет ова лето

Европа може да достигне колективен имунитет против коронавирус за три до четири месеци, изјави во средата директорот на германската фармацевтска компанија Бионтек.

Додека продолжува дебатата за прагот потребен за да се достигне тоа клучно ниво на имунизација, експертите велат дека нивоата над 70 проценти од вакцинираните значително би го намалило пренесувањето на коронавирус кај луѓето од една популација.

„Европа ќе го достигне колективниот имунитет во јули, најдоцна до август“, им рече на новинарите извршниот директор на Бионтек, Угур Сахин.

Тој предупреди дека колективниот имунитет првично нема да ги опфаќа децата, имајќи предвид дека вакцината во моментов е одобрена само за постари од 16 години. Мал број деца заразени со Kовид -19 имаат сериозни симптоми или долгорочни последици.

Вакцините „Бионтек“ сочинуваат голем дел од дозите дадени во Северна Америка, каде се попознати како вакцини „Фајзер“ и во Европа, каде што темпото на вакцинација се забрзува по бавниот почеток.

Сахин рече дека податоците за луѓето кои примиле вакцина покажуваат дека реакцијата на имунолошкиот систем ослабува со текот на времето и дека најверојатно ќе биде потребна трета доза.

Според истражувањето, ефективноста на вакцината „Бионтек“ и „Фајзер“ паѓа од 95 на 91 процент по шест месеци, додаде Сахин.

„Соодветно на тоа, ќе биде потребна трета доза за да се врати скоро 100 процентна заштита“, нагласи директорот на Бионтек.

Вакцината на компанијата во моментов се дава во две дози, со разлика од три недели, иако во некои земји периодот е подолг. Сахин сугерира дека третата доза треба да се даде 9-12 месеци по првата.

„Потоа очекувам дека веројатно ќе биде потребно да се прими уште една вакцина секоја година или можеби на секои 18 месеци.

Во меѓувреме, се стравува дека постојните вакцини може да бидат помалку ефикасни против новите соеви на коронавирус кои се појавуваат во различни делови на светот.

Сахин нагласува дека Бионтек ја тестирал својата вакцина против повеќе од 30 видови, вклучувајќи ја и моментално доминантната форма првично регистрирана во Велика Британија. Тој изјави дека вакцината, во лабораторија, стимулира добар имунолошки одговор против скоро сите варијанти. Во случаи кога имунолошкиот одговор беше послаб, ефективноста на вакцината сепак беше доволна“, додаде Сахин, но не даде прецизни податоци.

На прашањето за новиот вид првично откриен во Индија, Сахин рече дека ефикасноста на вакцината во тој случај сè уште се испитува.

„Како и да е, индискиот вид има мутации кои претходно ги испитавме и против кои е ефикасна нашата вакцина, така што јас сум убеден и во тоа.

Компанијата, во меѓувреме, истражува извештаи за проблеми со срцето кај луѓето кои примиле вакцина во Израел, но досега нема видено податоци кои укажуваат на зголемен ризик, рече Сахин, потсетувајќи дека околу 5 милиони луѓе биле вакцинирани во земјата, главно со вакцината на Бионтек и Фајзер.

Бионтек очекува дека нивната вакцина ќе биде одобрена во Кина во јули, каде соработува со локалната компанија „Фосун фарма“, а во меѓувреме, планира да го зголеми производството со „Фајзер“, имајќи предвид дека побарувачката ширум светот продолжува да ги надминува постојните залихи.

„На почетокот на 2021 година, нашата цел беше да произведеме милијарда дози, а сега ја зголемивме на 3 милијарди“, рече Сахин, пофалувајќи ги фармацевтските гиганти како Новартис, Санофи и Бакстер, кои се приклучија на напорите.

Сахин го основал Бионтек во 2008 година со неговата сопруга, научникот Озлем Туречи. Заедно, тие одлучија да преминат од истражување на рак кон развој на вакцина за коронавирус на почетокот на 2020 година, а потоа воспоставија соработка со Фајзер кој ја поседуваше потребната експертиза за спроведување на големи клинички испитувања.

Сахин во средата рече дека очекува наскоро да дојде до „нова нормала“ – дека луѓето ќе можат слободно да се движат, додека повеќето ќе имаат добра имунолошка заштита од вирусот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП