26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШестиот пакет мерки ако не биде брзо реализиран џабе се носи, стопанството...

Шестиот пакет мерки ако не биде брзо реализиран џабе се носи, стопанството е пред колапс!

Сојузот на синдикати на Македонија со реакција по презентираниот шести пакет мерки од страна на Владата за финансиска помош. Синдикалците апелираат парламентот веднаш да пристапи кон усвојување на законите со кои ќе се усвои шестиот пакет мерки, да не се чека како и со петтиот сет економски мерки. Но, од ССМ за Денар потенцираат и до работодавачите дека средствата треба да легнат на сметките на работниците, се со цел да не се повторуваат старите грешки. Според информациите, со шестиот пакет мерки се опфатени 12 категории дејности меѓу кои: угостителските објекти кои не работат поради рестриктивните мерки, ноќните клубови, рестораните за свадби, ивент индустријата, фитнес центрите, фото студијата и приватните детски одмаралишта. Станува збор за финансиска помош што ќе ја добијат околу 10.000 компании и 60.000 вработени.

„На барање на СУТКОЗ сите регистрирани угостителски објекти да добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година. Со оваа мерка треба бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти кои вработуваат 17.000 луѓе. Дополнително издвоена финансиска подршка од 15.200 денари по вработен, заклучно со 31.12.2020 година ќе добијат вработените во ресторани за свадби, евент индустријата, игротеки, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија. Потенцираме дека навремената поддршка за погодените сектори, односно работниците кои работат во тие сектори е од исклучително значење и истата да се исплати веднаш, за да не се доведеме во иста ситуација како и со претходниот пакет мерки,“ велат од  ССМ.

Од најпогодената стопанска гранка во оваа здравствено-економска криза се жалат дека се уште Владата ги нема објавено критериумите и методологијата според која треба да аплицираат за државна помош. Но најважното според угостителите е кога ќе почне шестиот пакет да се имплементира, бидејќи велат со доцнењето на реализацијата на претходниот петти пакет итно треба да се донесе шестиот пакет, затоа што стопанството и работниците имаат потреба од финансиска помош час поскоро. Од угостителската комора велат дека ако се оди процентуално, треба секој колку што остварил толку процентуално треба да добие, дека само така е правично и само така ќе се стимулираат сите да плаќаат повеќе данок, да пријавуваат повеќе промет и да добијат поголема помош. Нивните пресметки се дека во првите четири пакети имаше конкретни десетици мерки со цел да му се помогне на угостителството да ја надмине економската криза. Со бескаматната кредитна линија на Развојната банка во износ од седум милиони евра, потоа за поддршка на плата во износ од 14.500 по вработен за месеците април, мај, јуни, во износ од 10 милиони евра, субвенции на придонеси за вработени, износ од еден милион евра, туристички ваучери за граѓани со ниски примања, износ од 6,3 милиони евра, скалеста поддршка на плата за октомври, ноември и декември, износ од девет милиони евра, субвенции за туристички водичи, износ од 82,5 илјади евра, грантови за туристички агенции, износ од 1,2 милиони евра, грантови за ресторани за свадби, износ од 886 илјади евра, грантови за игротеки, износ од 216 илјади евра, грантови за ноќни клубови и естрадни уметници, износ од 637 илјади евра. Сите овие мерки беа со цел да не се дозволи оваа гранка да западне во длабока економска криза, а голем дел од угостителите ги имаат искористено мерките.

„Доколку се ова се собере се добива фамозна бројка од 37,5 милиони евра помош за угостителството. Следи проста операција на собирање и одземање. Значи, кредит не е помош, тоа е заем кој се враќа. Тоа значи дека веднаш се минусираат 7 милиони евра. Туристички ваучери за граѓани со ниски примања не е помош за угостителството, тоа значи се намалува поддршката за секторот за уште 6,3 милиони евра. Субвенциите за туристичките водичи и грантови за туристички агенции, се помош за туризмот не за угостителството и затоа сумата се намалува за уште 1,3 милиони, грубо пресметано. Поддршката за игротеките исто така ја намалува вкупната сума за 216 илјади евра. Поддршката за естрадни уметници, не е помош за угостителството, значи минус 517 илјади евра. Следи операција на собирање. Помош за плати 19 милиони евра (кои дел исто така треба да се вратат), 1 милион евра за придонеси, грантови за ресторани за прослави 886 илјади евра, грантови за ноќни клубови 120 илјади евра. Вкупно 21 милион евра, средства кои во еден дел од заемот за плати треба да се врати. Ако се пресмета просек, кај 6000 угостителски објекти има месечна помош од 270 евра месечно, ова секој може сам да го пресмета. За разлика од “веселата математика” која некој ја пласира за тоа колку средства се добиени, ова почитувани е реалноста. Дополнително се доцнеше и бројни услови требаше да се исполнат за оваа помош да се добие, потешкотиите за аплицирање најдобро ги знаеме ние и сметководителите,“ вели Мартин Ангеловски од Туристичко угоститеската комора.

Со став за новата најавена помош од државата излезе и претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска. Според неа важно е да се превземат чекори за да се надмине пандемијата на национално ниво, да можат и животот и економијата да се вратат во нормала, а до тој момент неопходно е на претпријатијата да им се помогне да опстојат и да се зачуваат работните места. И таа реагира на тоа дека се уште не е позната ниту прецизно презентирана методологијата и условите за аплицирање, за да може да се каже колку ќе помогне шестиот пакет на секторите за кои се однесува.

„Фактот дека скоро 15.000 правни субјекти се во тешка состојба и немаат средства за над 50.000 лица во приватниот сектор да добијат плата, е сериозен показател за тешката состојба во која се наоѓа македонската економија. Да се покаже солидарност, додека дел од вработените во државна администрација со месеци се дома и земаат цела плата, во приватниот сектор граѓаните немаат за егзистенција. Да се престане со политички препукувања, политичките субјекти треба да работат во интерес на граѓаните и да постигнат политички консензус за помошта побрзо да дојде до граѓаните,“ вели Данела Арсовска претседателка на ССК.

Од владеачката СДСМ со пофалби излегоа до владата за понудената помош кон стопанството и вработените. Од таму велат дека македонската економија денес се карактеризира со високо ниво на конкурентност по успешното надминување на првичните шокови на пандемијата. Шестиот пакет мерки за справување со последиците од пандемијата велат значи грижа и помош за работниците и стопанството, и е во вредност од 17, 8 милиони евра, со кој ќе се поддржат 10.000 компании кои вработуваат околу 60.000 граѓани. Но со ваквите ставови не се согласуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека приватниот сектор со шестиот пакет ќе добие само трошки од Владата. Пакетот мерки според нив е задоцнет и нема да даде никакви резултати за подобрување на нивната ликвидност.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП