19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈагнешкото месо пред Велигден до 380 денари за килограм, а по празникот...

Јагнешкото месо пред Велигден до 380 денари за килограм, а по празникот најава за 40% поскапо свинско месо!

Месната индустрија во земјава се соочува со сериозни предизвици. Пред велигденските празници понудата на јагнешко месо не е баш добра, а се најавува дека цената на јагнето ќе биде далеку повисока од претходни години. И ситуацијата со свинското месо е непогодна, од месната индустрија најавуваат драстично зголемување на цените не само на свежото месо, туку и на сувомеснатите производи. Само со мерки од владата може да се спречат ценовни шокови на месото и месните производи.

Информациите од терен се дека оваа година пред Велигден има значително намалена понуда на јагнешко месо, а со тоа и цената се очекува полека да расте и да се движи од 350 до 380 денари за еден килограм во малопродажба. Овој тренд се должи на зголемениот извоз на јагне за време на католичкиот празник Велигден, и тоа првенствено на традиционалните пазари во Италија, Хрватска и во Грција. Од Стопанската комора на Македонија за Денар велат дека поради тоа фармерите од земјава ги злолемија цените на преостанатите колични кои ќе се пласираат за православниот Велигден.

„Оваа цена претставува зголемување во однос на онаа во 2019 и 2020, кога цената за килограм јагнешко месо беше 270-280 денари/кг, иако истата се смета за реална, за тоа што ако се навратиме повеќе години наназад, цената секогаш била над 300 ден/кг.,“ велат од Стопанската комора.

Васко Ристовски кој е координатор на секторот за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора за Денар вели дека Групацијата за производство на месо и преработки од месо до Министерството за економија поднесе барање за враќање, односно за ослободување на скратените количини од последната мерка на Владата за укинување на царинските давачки на замрзнато месо за преработка. Според Ристовски, целта е да се вратат редовните количини кои во регулирани услови на стопанисување беа одобрувани во изминативе три години. Во октомври лани количините беа преполовени на 3200 тони, иако беше измината речиси една година од појавата на пандемијата. Инаку, оваа мерка за прв пат беше донесена во јуни 2018 година, и истата се носеше со важност од 6 месеци, односно се продолжуваше на секои половина година.

„Зголемување на цената на свежо свинско месо е во корелација со движењата на цените на светскиот пазар, но и непосредните случувања во соседството, од каде се увезува повеќе од 90%. Како резултат на појавата на свинска чума на повеќе фарми, постои ризик за нашата земја, што може да доведе до нагло зголемување на цената на свежото свинско месо. Преработките од месо ќе поскапат во распон од 20-40%, како резултат на зголемување на цените на свежото месо на светскиот пазар, односно царината на замрзнатото свинско месо за преработка,“ вели Ристовски.

Најавата за зголемување на цените важи за преработките од месо во кои како главна суровина се користи свинско месо, појаснуваат од Стопанската комора. Но мора да се додаде фактот дека во блиска иднина се очекуваат и корекции на цените на свежото свинско месо, со оглед на фактот дека на светскиот пазар цените растат веќе одреден период. Истата состојба е и во соседна Србија, од каде најчесто се увезува во Македонија, и таму цените поради одредени околности и причини се зголемија во текот на последниве денови. Што се однесува до пилешкото месо, и јунешкотот месо засега нема најава за зголемување на цените.

„Најавата за зголемување на цените важи за преработките од месо во кои како главна суровина се користи свинското месо. Во делот на пилешкото, односно јунешкото месо, нема да има зголемување на цените. Мора да се додаде и фактот дека се очекуваат корекции и кај свежото свинско месо, со оглед на тоа да на светскиот пазар цените растат веќе одреден период, а и во соседството – Србија од каде се увезува, поради одредени околности цените се зголемија во последните денови,“ велат од Стопанската комора.

Инаку, во Стопанската комора членуваат 17 месни индустии во кои работат околу 1500 лица. Вкупниот број на преработувачки капацитети исто така е регистриран и во Агенцијата за храна и ветеринарство.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП