18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаст на депозитите и на кредитите во март 2021 година

Раст на депозитите и на кредитите во март 2021 година

Според податоците на Народната банка, во март, вкупните депозити остварија месечен раст од 0,7% со поголем придонес на депозитите на корпоративниот сектор, при помал, но позитивен придонес и на депозитите на секторот „домаќинства“. Анализирано на годишна основа, вкупните депозити се повисоки за 7,4%, при речиси еднаков придонес на депозитите кај двата сектора. Вкупните кредити , во март, се зголемени за 0,9% и 5,2%, на месечна и годишна основа, соодветно, при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.

Депозити и кредити на корпоративниот сектор

Во март, кај вкупните депозити на корпоративниот сектор е забележан месечен раст од 1,7%. Нагорната промена, во најголем дел се должи на зголемувањето на депозитните пари, при помал раст и кај долгорочните и краткорочните депозити во денари, во услови на пад на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута. Годишната стапка на раст изнесува 12,9%, главно под влијание на повисоките депозитни пари, при дополнителен позитивен придонес и на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, а во услови на пад кај останатите компоненти.

Кредитите на корпоративниот сектор , во март, се повисоки за 0,7% на месечно ниво, главно како резултат на кредитирањето во странска валута, а позитивен придонес имаа и кредитите во денари. Во споредба со истиот период минатата година, кредитите на корпоративниот сектор се зголемија за 2,1%, во целост како резултат на растот на кредитите во странска валута.

Депозити и кредити на домаќинствата

Во март, вкупните депозити на домаќинствата забележаа месечно зголемување од 0,2%, целосно под влијание на краткорочните депозити во странска валута, а во услови на пад кај останатите компоненти. На годишна основа, депозитите на домаќинствата се повисоки за 5,2%, како резултат на зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при забележан пад кај останатите компоненти.

Кредитите на домаќинствата, во март, остварија месечен и годишен раст од 1,0% и 8,1%, соодветно. Порастот по двете основи во најголем дел произлегува од кредитирањето во денари, но дополнителен позитивен придонес имаат и кредитите во странска валута.

Во март, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечен раст за 1,1%, соодветно, како и годишен раст од 6,7% и 13,1%, соодветно. Автомобилските кредити остварија месечно и годишно намалување од 1,5% и 14,0%, соодветно. И кај кредитите одобрени на кредитни картички, овој месец, е забележан пад на месечна и годишна основа, за 1,0% и 8,9%, соодветно. Во март, негативните салда на тековните сметки се зголемија за 2,3% на месечно ниво, а на годишно ниво тие се намалени за 1,5%. Кредитите одобрени врз други основи, во март, бележат месечен и годишен пад од 0,7% и 5,8%, соодветно.


НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП