18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФилипче: „Астразенека“ останува забранета за лица под 60 години

Филипче: „Астразенека“ останува забранета за лица под 60 години

Вакцинацијата со „Астразенека“ на лица помлади од 60 години останува забранета.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека оваа одлука ја донеле откако вчера Европската агенција за лекови утврди поврзаност на вакцината со згрутчување на крвта кај лица помлади од 60 години.

„Утрово разговаравме за ставот на ЕМА по евалуацијата на вакцината на ‘Астразенека’. Има две препораки, едната е дека тромботичните појави треба да влезат во упатството за употреба на вакцината, а другата е секоја држава за заземе став. Ставот е вакцината да не се дава на лица помлади од 60 години во нашата земја“, рече министерот Филипче.

За вакцинираните лица помлади од 60 години со прва доза од оваа вакцина во Србија, министерот Филипче рече дека ќе чекаат препораки дали да се вакцинираат со друга вакцина.

„Во однос на ревакцинацијата која би следела за 3 месеци, засега нема конкретни насоки. Ќе ги следиме и укажувањата од ЕМА и од другите национални агенции, па во текот на следниот период ќе завземеме став и во однос на ова прашање“, кажа министерот Филипче.

Тој им порача на оние кои ја примиле вакцината на Астразенека во Србија, доколку почувствуваат некакви симптоми да се јават на контрола и преглед кај лекар.

Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера потврди дека постои поврзаност помеѓу вакцината на „Астразенека“ и појавите на згрутчување на крвта со укажување дека оваа последица е многу ретка и бенефитот од вакцината и натаму е поголем од ризикот.

По ваквиот став, ЕМА соопшти дека секоја земја треба сама да одлучи како ќе го третира заклучокот дека вакцината е поврзана со згрутчувањето на крвта. При носењето на одлуката, од Агенцијата препорачаа секоја земја да ја земе предвид моменталната епидемиолошка и достапноста на другите вакцини.
Министерот Филипче забрани лица под 60 години кај нас да ја примат вакцината на „Астразенека“ откако забрани ставија Германија и Канада поради згрутчувањето на крвта што го предизвикала вакцината. Забраната стигна непосредно пред почетокот на масовната вакцинација која почна на 31 март со вакцинирање на лицата над 77 години. Бидејќи нема податоци дека и кај оваа категорија граѓани вакцината предизвикала згрутчување на крвта, вакцинирањето на лицата над 77 години кај нас почна со „Астразенека“.

Од оваа вакцина преку Ковакс-системот на крајот на март стигнаа првите 24.000 дози, а се очекува да стигнат уште 76.000 дози.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП