20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИБожидар Јанковски: Ќе воведеме локални карактеристики и повеќе креативност, но според стандардите...

Божидар Јанковски: Ќе воведеме локални карактеристики и повеќе креативност, но според стандардите на Динерс франшизата

Откако во декември минатата година Ерсте Кард Клуб од Хрватска го продаде целосниот удел на Динерс Клуб Македонија, Божидар Јанковски кој повеќе од две децении успешно ја водеше компанијата на македонскиот пазар стана нејзин сопственик, а компанијата продолжи да работи под франшиза на Diners Club International Ltd.

„Од околу 190 франшизи во светот, на прсти се бројат приватни сопственици на Динерс Клуб франшиза – најголемиот дел се банки и веќе етаблирани светски финансиски институции. Ваква соработка е вистинска реткост и признание за компанијата која со години бележи одлични резултати и раст“- вели Јанковски во интервју за Фактор, кој во можноста да ја преземе компанијата гледа најголемо признание на деловен план и потврда за тоа дека тој и неговиот тим 20 години ја воделе компанијата согласно највисоките светски стандарди кои американска франшиза ги побарува.

Иако понудата ја добил во една навистина тешка година и за живеење и за работа, токму во тоа бил и неговиот личен предизвик да одговори позитивно и да се подготви за огромниот деловен предизвик кој претстои.

„Јас по природа сум човек кој не се плаши од предизвици, напротив, тие ми даваат „ветер во грб“. Едноставно, не сакам да пропуштам шанси, само со едно оправдување дека „сега не е вистинското време“ затоа што никогаш не може да бидете сигурни дека следната година ќе биде подобра. Кога дојде понудата, која патем беше дадена и кон други потенцијални купувачи, немав дилеми дали да го преземам Динерс Клуб Македонија. Знаев дека тоа е вистинската опција за мене и за тимот со кој работам, но и за компанијата и членството. Ние луѓето во Динерс Клуб Македонија ја знаеме компанијата, нашите членови и нивните потреби, што би се рекло „во малиот прст“. Живееме со Динерс секојдневно многу години наназад, имајќи јасна визија за тоа како и каде треба да се развива компанијата за да го понуди најдоброто на своето членство.“- истакнува Јанковски во интервјуто.

Сега, вели тој, практично се отвораат можности за забрзан развој на Динерс Клуб во нашата земја.  Пред сè ширење на продажната мрежа, унапредување на корисничката грижа, нови и иновативни производи и услуги, уште повеќе брзина, уште поголема флексибилност и низа други привилегии за членовите.

„Се разбирa дека во деловната политика и натаму ќе ги исполнуваме високите стандарди на DC International и сите услови од франшизниот договор, што значи дека на макро ниво нема да има многу промени, но ќе имаме простор за повеќе креативност, побрзи одлуки и максимално прилагодување кон пазарот. Ќе внесеме во Динерс локални, македонски карактеристики кои ќе одговорат на потребите на нашите членови.“- вели Јанковски и нагласува дека веднаш по аквизицијата започнале со воведување новини во корист на членовите.

„Првото нешто што го направивме, уште на 1 јануари годинава е членовите на Динерс Клуб Македонија да добиваат фактура еднаш месечно, а не како претходно, два пати месечно. По 25 години на македонскиот пазар и начинот на фактурирање наследен како принцип на работа од претходните сопственици, веднаш по промената на сопствеништвото излеговме во пресрет на нашите членови. Тоа беше нивно барање веќе подолго време, а сега се отвори можност тоа и да го реализираме. Веќе е пуштена во употреба новата апликација за нови членови. Ја добивате вашата Динерс картичка, нова или обновена, без притоа да има потреба да дојдете физички во просториите на Динерс – лесно, брзо и едноставно. Со каматните стапки се изедначивме со банките, а доколку ја платите сметката на време воопшто не плаќате никаква камата, што може да изнесува цели 30 дена. Значи, еден месец ве чекаме да платите без камата, ако сте редовен во плаќањата. Вашиот кредитен лимит зависи од вас и од вашите примања. Проактивни сме за кредитните лимити за да можат нашите членови да ги исполнат своите желби – сакаме да имаме среќно и задоволно членство. Начинот на комуникација со членовите ни е комплетно дигитализиран, 90 отсто од сметките членовите ги добиваат на е-меил. Речиси 95 проценти од комуникацијата ни се одвива по електронски пат. Оваа година ќе се посветиме на целосно дигитализирање на комплетното работење на Динерс Клуб Македонија, сакаме да им понудиме на нашите членови максимална брзина и ефикасност. Јас и мојот тим во изминатите години успеавме во тоа Динерс Клуб Македонија да биде секогаш меѓу првите во воведувањето нови услуги и технологии, така ќе биде и во иднина.- заклучува во интервјуто Јанковски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП