26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе поскапат ли становите во услови на пандемија?

Ќе поскапат ли становите во услови на пандемија?

Пандемијата ја намали побарувачката на деловни простори. Според податоците на Агенцијата за катастар, минатата година за 26 отсто бил помал бројот на издадени дуќани. Според извештајот во 2020 година биле закупени 2,400 деловни објекти или 900 помалку од претходната година.

Од друга страна од градежниот сектор посочуваат дека во следниот период можен е скок на цената на квадратот на становите, поради како што велат најавите за раст на цените на градежните материјали. Иако заклучно со септември лани околу 7.000 станови останале непродадени, а над 13 илјади нови се градат и наскоро треба да бидат пуштени во продажба, градежниците главно се задоволни од побарувачката. Велат, секторот останал стабилен и во услови на пандемија.

“Може да се забележи дека бројот на непродадени станови е незначителен процент од вкупниот број на станови на територијата на државата. Анализите покажуваат дека пазарот на недвижности во делот на продажба на недвижности како и продажба на станови која учествува со најголем дел во вкупната продажба е стабилен и успеа да и одолее на пандемијата. Во првите девет месеци од минатата година споредено со истиот период од 2019 година има пораст на бројот на продажба од 7,4 проценти кој во делот на стари недвижности е 6 %, додека во делот на продажбите од инвеститор 13,5 отсто. Информациите се дека цените на градежните материјали во следниот период  ќе растат, што значи дека може да повлече  и зголемување на цените на квадратот”, вели Андриа Серафимовски од здружението за градежништво при СКМ.

Во Скопје, најатрактивна локација за купувачите  остануваат Карпош каде се продале над 200 станови, а потоа следи Аеродром каде во изминативе години и најмногу се гради. Во овие две општини и во Центар  цената на квадратот е највисока, а најниска во општина Чаир.

“Анализите покажуваат дека најголем интерес има за Скопје, поконкретно за во  Аеродром, Карпош и Центар. Но според сознанијата од компаниите, пандемијата го зголемила интересот и за недвижнини надвор од градот,  односно во руралните средини и викенд местата како Катланово и Матка,  што се должи на промените во општеството – социјалниот живот на луѓето кој го наметна пандемијата”, додава Серафимовски.

Според извештајот на Агенцијата, во другите градови становите се најскапи во Охрид, а најевтини во Куманово и во Кочани.

Најголем број на продадени куќи има во Битола, а деловни објекти во општина Центар.

Инаку градежниот сектор подолг период важеше за двигател на домашната економија. Учествува со 5 до 7 проценти во креирањето на бруто домашниот производ и вработува околу 7 проценти од вкупниот број на вработени во земјава.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП