27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија купува 54 оклопни возила во вредност од 210 милиони долари

Македонија купува 54 оклопни возила во вредност од 210 милиони долари

Американскиот Стејт департмент одобри продажба на 54 лесни оклопни возила од типот „Страјкер“ за потребите врзани со модернизацијата на македонската Армија во согласност со стандардите на НАТО, соопшти Министерството за одбрана.

Набавката е во вредност од 210 милиони долари и е дел од веќе започнатиот повеќегодишен проект за набавка на лесни оклопни возила како главен проект во долгорочниот план за развој на одбранбените способности за модернизација и опремување на македонската армија во согласност со стандардите на НАТО, велат од МО.

Од министерството додаваат дека проектот се реализира во соработка со владата на САД при тоа користејќи ја програмата за продажби на странски армии, при што се користат и американски фондови со што учеството на Владата на САД ќе изнесува околу 20-25% од вкупната сума.

„Проектот се реализира како договор ‘Влада со Влада’ со Владата на САД и вклучува набавка од две реномирани компании на воената индустрија на САД и тоа Oshkosh Defense и General Dynamics Land Systems. Веќе е во тек набавката на платформата JLTV од компанијата Oshkosh Defense и досега се склучени сите аранжмани за набавка на околу 40 возила од оваа компанија“, велат од министерството.

Од таму додаваат дека со реализација на овој проект за опремување и модернизација на армијата покрај исполнување на побарувањата за интероперабилност произлезени од НАТО-пакетот на цели на способности, се овозможува Република Северна Македонија да ги проектира и заштити своите витални и национални интереси.

Испораката на возилата „Страјкер“ се очекува да отпочне од 2022 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП