Тренерското деби на Кирил Лазаров не можеше да помине подобро – во Скопје падна големата Данска, актуелниот светски шампион, во фантастичен натпревар во кој постојано ја имавме контролата и стигнавме до 33:29 победа во квалификациите за Европското првенство, заддржувајќи ја првата позиција по три натпревари и три победи. Ова е прва победа на Македонија над секогаш незгодните и опасни Данци.
Резултатот сигурно носи нов оптимизам во македонскиот ракомет, посебно бидејќи доаѓа по, за наши стандарди, лошиот настап на Светското првенство во Египет, каде што се покажаа сите слабости во нашата игра. Враќањето на Филип Миркуловски во репрезентацијата очигледно беше вистински потег, бидејќи неговото искуство се гледаше во мечот со силните Данци.

