2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНаместо чекање по шалтери, поштарот може до дома да носи извод од...

Наместо чекање по шалтери, поштарот може до дома да носи извод од матично, наскоро и останатите документи!

Долгогодишниот државен загубар Македонска пошта најавува модернизација на своите услуги. Интернет трговија, двосменско разнесување на пратки, на домашна адреса достава на лични документи. По неколку месечна пауза државната пошта ја врати и услугата за платен промет, а со тоа пензионерите кои добиваат пензија преку Халкбанк ќе може своите пари да ги добиваат на домашна адреса.

Од Македонска пошта најавуваат модернизација, нови услуги кои денеска им се неопходни на граѓаните во ова модерно и брзо време на живеење. Пошта воведува и електронска трговија на производи од компании со кои ќе се договори да соработува. Доставата ќе чини 80 денари, велат од компанијата. Потоа, развој на пакети, сообраќај, достава на подарок од едно лице на друго, испорака на поштенски пратки и во вториот дел од денот и тн. Малку од граѓаните знаат дека изводот од матичната книга на родени може да се добие по пошта, а се наплаќа само 100 денари за услугата. Од пошта велат дека оваа услуга ќе биде и од голема корист за Управата за матична евиденција со оглед на фактот дека околу 100 илјади изводи годишно се вадат само во Скопје. Но не само изводите од матичната книга на родени, од пошта се на иницијатива поштарите до дома да може да носат и нова возачка дозвола, лична карта, но за тоа се потребни измени во Законот за лични податоци.

„Не мора да се туркате во автобус, не мора да плаќате паркинг доколку доаѓате со автомобил да вадите извод, туку тоа ќе го добиете дома. Таа промоција недостасуваше минатиот перод. Затоа велиме дека мора да го дадеме претприемачкиот дел за работата да тргне на подобро. На тој начин ќе бидеме и поконкурентни, а така ќе освојуваме пазари, нема да робуваме на некои претходни години, па понатаму ќе имаме и можност да намалуваме цени, и на тој начин да се бориме со конкуренцијата“, велат од Македонска пошта.

Претходното раководство имаше склучено договор со НЛБ Банка, оние пензионери кои добиваат пензија преку таа банка да може пензијата да ја добиваат на врата дома односно поштарот да им ја носи до дома. Сега, и Халкбанк ќе може да ја извршува таа поволност за пензионерите, односно оние пензионери кои ја примаат пензијата преку Халкбанк повторно ќе коже да ја чекаат пензијата дома. Впечатокот е дека пензионерите навистина се врзани за услугите на пошта, а тоа го потврдува токму оваа поволност, велат од државната компанија.

Инаку, од први март платниот промет на Македонска пошта повторно е пуштен преку Халкбанк, и од нешто повеќе од 300 поштенски единици оваа услуга е доволна во 40тина објекти. Информациите велат дека имплементацијата на системот помеѓу Пошти и Халкбанк траел околу два месеци, а потребно било да се постави софтверската основа за работа. Од Пошта велат дека тие како компанија биле подготвени да ги стартуваат сите објекти но поради тест причини започнато е само со дел од поштенските единици. Но од раководството на компанијата тврдат дека платниот промет до крајот на март месец ќе биде во функција во сите објекти на Македонска пошта. Целта на новиот менаџмент е комапнијата да се врати на граѓаните и услугите на Пошти повторно да бидат нивно секојдневие.

Халкбанк која ја доби работата да го води платниот промет на пошти го понуди речиси истото софтверко решение по кое што работела Македонска пошта и со веќе пропаднатата Еуростанард бакна, па тоа било и една од предностите во изборот за нова банка која ќе биде на некој начин партнер на државната компанија. Во однос на поделбата на колачот, 71 отсто од приходите од платниот промет останува во државната компанија, а останатите средства се за новата банка односно тие се резервирани за Халкбанк. И според информациите овој процент бил најисплатлив за Македонска пошта во изборот што дополнително ќе придонесе за благо опоравување на финансиски план на фирмата која е под државна капа.

Македонска пошта има и нова цена на провизијата, за една уплатница сега провизијата чини 35 денари, што наиде на сериозни реакции кај граѓаните со оглед на фактот дека претходно давачката за таа услуга беше драстично помала, односно за десет денари веќе е повисока во однос на договорот која пошти го имаше со претходната банка. Од државната компанија велат дека, согласно новиот договор банката ја одредува провизијата, а истата провизија Халкбанк АД Скопје ја наплатува и во нејзините банкарски експозитури.

Долгот на Македонска пошта изнесува 11 милиони евра, само ланската година компанијата беше во минус од над два милинони евра.  Инаку, во Пошта работат 2035 лица, 800 се поштари и околу 500 шалтерски работници. Од компанијата признаваат дека имаат проблем со превработеност. Дополнително, повеќе од половина од кадарот е на возраст над 55 години, а над 60 отсто се со средно образование. Инаку, од владата веќе најавија приватизација на државната фирма, само сега се бара моделот, дали преку јавно-приватно партнерство или пак ќе оди целосно на продажба.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП