28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова еврообврзница од 700 милиони евра: 500 милиони за рефинансирање на третата...

Нова еврообврзница од 700 милиони евра: 500 милиони за рефинансирање на третата еврообврзница, 200 за пополнување на буџетскиот дефицит

Република Северна Македонија денес ја издаде осмата по ред еврообврзница. Еврообврзницата е во вредност од 700 милиони евра со рочност од 7 години.

Како што велат од министерството за финансии, оваа еврообврзница е со историски најниска каматна стапка од 1,625%. Истата ќе се искористи за рефинансирање на третата еврообврзница од 2014 година во вредност од 500 милиони евра. Нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра.

“Исклучително поволната каматна стапка, и покрај ковид-кризата, е резултат на прудентните макроекономски политики и зачуваниот кредитен рејтинг на земјата. Задржувањето на кредитниот рејтинг, а со тоа и довербата на инвеститорите, се должи на преземените политики и четирите пакети мерки за соочување со ефектите од кризата. Високата доверба на инвеститорите се манифестира и преку големиот број на инвеститори кои беа заинтересирани за купување на еврообврзницата, односно над 130 инвеститори сакаа да запишат двојно повисок износ од понудениот или побарувачката беше над 1,6 милијарди евра”, велат од министерството за финансии..

“Како што беше наведено и при донесувањето на Буџетот за 2021 година, со средствата обезбедени од емисијата на оваа еврообврзница ќе се изврши отплата на надворешниот долг, односно на еврообврзницата издадена во 2014 година која доспева за враќање годинава. Остатокот ќе се искористи за финансирање на дел од буџетскиот дефицит. Еврообврзницата од 2014 година е во износ од 500 милиони евра и беше издадена по каматна стапка од 3,975%, што значи дека сега каматата е за 2,35 процентни поени пониска”, додаваат од министерството.

Инаку, земјава претходно има седум пати излезено на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзници: во 2005 година со камата од 4,625%, во 2009 со камата од 9,875%, во 2014 со камата од 3,975%, во 2015 со камата од 4,875%, во 2015 година со камата од 5,625%, во 2018 година со камата 2,75% и 2020 со камата од 3,675%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП