29 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Amazon“ значително ја зголемува флотата на авиони?

„Amazon“ значително ја зголемува флотата на авиони?

Флотата на најголемата светска малопродажна мрежа „Amazon“ ќе се зголеми двојно по големина во периодот од мај 2020-та до јуни годинава, поставувајќи дополнителни основи на „Amazon Air“ да се натпреварува со шпедитерите „FedEx“ и „UPS“, според новата студија, цитирана од „CNBC“.

„Amazon Air“ сега прави просечно 140 летови на ден и ја проширува својата флота, сигнализирајќи за „скок на растот во оваа пролет“, се вели во извештајот објавен од „Chaddick Institute for Metropolitan Development“ од Универзитетот „DePaul“.

„Со додавање на нови авиони во флотата, очекуваме бројот на летови да се зголеми на 160+ до јуни 2021-ва година“, се вели во извештајот. „Ако ја достигне оваа фаза, „Amazon Air“ ќе се зголеми двојно по големина за 13 месеци од мај 2020-та до јуни 2021-ва година“, стои во извештајот.

Воздушната флота на „Amazon“ е важен дел од стратегијата на компанијата да постигне сè поамбициозни еднодневни и дводневни цели за испорака. Компанијата започна со тестирање на операциите со воздушно карго во Вилмингтон, Охајо во 2015-та година, како дел од проектот со кодно име „Aerosmith“. Оттогаш, „Amazon Air“ рапидно расте, особено за време на пандемијата на коронавирусот.

„Amazon“ го изнајмува најголемиот дел од своите товарни авиони од групацијата „Atlas Air Worldwide Holdings“ и „Air Transport Services Group“, но во јануари купи 11 користени авиони „Boeing 767-300“ од „Delta“ и „WestJet“.

Кога 11-те авиони ќе стапат во функција до крајот на 2022-ра година, „Amazon“ ќе има флота од повеќе од 85 авиони. Ова е далеку од флотата на „FedEx“, која има 679 авиони и флотата на „UPS“ од 572 сопствени, изнајмени или на лизинг авиони.

Сепак, аналитичарите сметаат дека траекторијата на раст на „Amazon“ може да значи дека наскоро ќе ја стави во конкуренција на големите шпедитери. Morgan Stanley предвидува дека „Amazon“ потенцијално може да ги прошири своите логистички операции од крај до крај за да понуди услуги за аутсорсинг веќе оваа година.

Истражувачите на „DePaul“ се согласуваат со прогнозата на „Morgan Stanley“, но веруваат дека ќе биде потребно подолго време додека „Amazon“ чека да го отвори својот воздушен центар од 1,5 милијарди долари во северниот дел на Кентаки во оваа година, веројатно користејќи ја сезоната на празници во оваа година како тест, по што ќе ја испита идејата на обезбедување на свои логистички услуги на трети лица.

„Влегувањето на „Amazon“ во оваа деловна активност веројатно ќе се случи во следните 18 месеци, а кога тоа ќе се случи „Amazon Air“, а особено центрите „CVG“/„Wilmington“ ќе бидат клучни“, се вели во студијата.

Летовите од аеродромите во Кентаки и Охајо, каде се наоѓа седиштето на „Amazon“, „веќе го поврзуваат „Amazon“ со поголемиот дел од населението во САД“, велат аналитичарите.

Компанијата нуди услуга за испорака следниот ден во Велика Британија на трговците кои не продаваат на нејзината платформа наречена „Amazon Shipping“, покажувајќи дека веќе им ја нуди својата мрежа на надворешни лица, рече Џозеф Швитерман, директор на „Chaddick Institute“, во интервју за „CNBC“.

Претходно, „Amazon“ разви слична услуга во Соединетите Држави, но ја запре програмата во април, бидејќи пандемијата ја затегна мрежата за снабдување.

„Мислам дека ова може да биде солидна операција каде неколку трговци се интегрираат во мрежата за снабдување на „Amazon, а ова може да се направи без многу ризик“, рече Швитерман.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП