Автомобилскиот блог, „Mercedes-Benz Passion“, објави два цртежи за кои тврдат дека претставуваат следната генерација на моделот „Viano“. Комбето на „Mercedes“ би можело да има премиера веќе во септември оваа година и тоа на авто-саемот во Франкфурт.
На германската интернет страна се вели дека цртежите се добиени директно од „Daimler“ и дека со самото тоа може да се сметаат за официјални. Врз основа на цртежите може да се заклучи дека од „Mercedes“ сосема очекувано ги пренеле стилските елементи од најновите генерации на своите автомобили и на новиот „Viano“.
Засега неофицијално се дознава дека автомобилот ќе биде понуден со четирицилиндричен дизел мотор кој ќе биде достапен во три варијанти и ќе биде поврзан со седумбрзински „7G-TRONIC“ автоматски менувач.
Истиот извор тврди дека на купувачите нема да им бидат достапни верзии со шестцилиндарски погонски единици, но се споменува можна електрична и „Plug-in Hybrid“ верзија.
Новиот „Mercedes Viano“ може да се очекува во продажните салони веќе во 2014-та година.