Цената на акциите на „Ubisoft“ падна за 6% во средата наутро, иако францускиот развивач на видео игри објави рекордни тримесечни приходи од продажба. Покрај тоа, компанијата ја намали прогнозата за целата година, пишува „CNBC“.
„Ubisoft“ објави приход од 1 милијарда евра за својот фискален трет квартал, надминувајќи ја сопствената цел. Сумата е повеќе од двојно поголема од приходите од 455,5 милиони евра што компанијата ги забележа за истиот период пред 12 месеци.
Компанијата тврди дека има корист од силната продажба на нови наслови, вклучувајќи ги „Just Dance 2021“, „Assassin’s Creed Valhalla“ и „Watch Dogs: Legion“. Силната изведба е поддржана и од моментумот добиен од новите конзоли на „Sony“ и „Microsoft“, кои дебитираа на пазарот во ноември.
„Ubisoft“ вели дека „Assassin’s Creed Valhalla“ генерира рекордна продажба за франшизата и е втора најпродавана игра за „PlayStation 5“, „Xbox Series X“ и „Series S“. „Watch Dog: Legions“ е четвртата најпродавана игра за новата генерација платформи, соопшти компанијата.
Но, не само новите наслови ја зголемуваат продажбата на „Ubisoft“. Извршниот директор Ив Гилмо изјави дека компанијата ужива „силна посветеност“ кон тековниот каталог на игри, тренд што продолжува и во јануари.
„Rainbow Six Siege“, игра на „Ubisoft“, објавена во 2013-та година, веќе има 70 милиони играчи, изјави финансискиот директор Фредерик Дуг. Тоа значи зголемување од 15 милиони корисници од пред една година. „Rainbow Six Siege“ е популарна игра за е-спортовите.
„Ubisoft“ ги намали прогнозите за годишните приходи и профит. Компанијата вели дека очекува нејзините нето приходи од продажба за периодот 2020-2021 година да бидат помеѓу 2,22 и 2,28 милијарди евра, наспроти 2,2 до 2,35 милијарди евра од претходната прогноза. Оперативната добивка ќе биде помеѓу 450 и 500 милиони евра. Претходно компанијата очекуваше меѓу 420 и 500 милиони евра.
„Ubisoft“ откри дека е во „рана фаза“ на развој на нова игра поврзана со сагата „Војна на ѕвездите“, откако објави дека склучи договор со поделбата „Disney Lucasfilm Games“. Овој потег означува почеток на крајот на долгогодишниот ексклузивен договор помеѓу „Lucasfilm Games“ и „Electronic Arts“.