Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука за продолжување на важноста на репо-линијата преку којашто минатата година, за првпат, ѝ овозможи на Народната банка пристап до девизна ликвидност во евра, со соодветно обезбедување. Имено, крајниот рок на примена на репо-линијата во вредност до 400 милиони евра е продолжен до март 2022 година. Оваа промена овозможува значителна поддршка за Народната банка од ЕЦБ, со оглед на тоа дека создава дополнителен простор за брзо и ефикасно дејствување доколку има потреба од ублажување евентуални натамошни ефекти од корона-кризата врз домашната економија и финансиските пазари, имајќи ја предвид неизвесноста на актуелната глобална криза.
Во досегашниот период, Народната банка нема искористено средства од одобрената репо-линија, со оглед на постојаното одржување и на денарската, и на девизната ликвидност на банкарскиот систем на соодветно ниво, со видлива тенденција на натамошен пораст на ликвидните средства на банките во последните неколку месеци. Сепак, ликвидносната поддршка добиена од ЕЦБ подразбира и дополнително зајакнат капацитет на нашата централна банка за дејствување заради остварување на своите цели и задачи, а при евентуално затегнување на финансиските услови на меѓународните пазари поврзано со корона-кризата и нејзините негативни ризици врз глобалната економија. Токму при вакво сценарио, овој инструмент на ЕЦБ ѝ овозможува на Народната банка брз пристап до ликвидност во евра и под поволни пазарни услови.

