25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветскиот туризам „пократок“ за 1,3 трилиони долари

Светскиот туризам „пократок“ за 1,3 трилиони долари

Минатата година беше најлоша во историјата на туризмот со пад на меѓународните пристигнувања за 74 проценти и загуба на приходите од овој туризам во износ од 1.300 милијарди долари, се вели во последниот извештај на Светската туристичка организација (UNWTO).

Туристичките дестинации околу светот примија една милијарда помалку странски гости во 2020-та година во споредба со претходната година, поради падот на невидената побарувачка и воведувањето ограничувања за патувања во скоро сите делови на светот.

Минатогодишниот пад на меѓународните пристигнувања беше далеку поголем од четири процентниот пад на глобалниот туризам за време на глобалната финансиска криза во 2009-та година, се вели во извештајот.

Според најновиот барометар на „UNWTO“, падот на меѓународните патувања резултираше со загуба на приходите од туризам проценети на 1,3 трилиони долари, повеќе од 11 пати поголема од загубата забележана за време на глобалната криза во 2009-та година.

Коронакризата, според „UNWTO“, загрози меѓу 100 и 120 милиони работни места во туризмот, од кои многу се во малите и средни претпријатија.

„Иако е направено многу за да се овозможи безбедно меѓународно патување од здравствена гледна точка, ние сме свесни дека кризата сè уште не е завршена“, вели генералниот секретар на „UNWTO“, Зураб Пололикашвили.

Поради еволуцијата на вирусот, многу земји сега повторно воведуваат построги ограничувања на патувањата, кои вклучуваат задолжително тестирање, карантин, а во некои случаи и целосно затворање на границите, што го прави сè потешко продолжувањето на меѓународните патувања, според Светската туристичка организација со седиште во Мадрид.

Во исто време, тие се надеваат дека постепеното воведување на вакцината против Ковид-19 ќе помогне во враќањето на довербата на потрошувачите и ќе придонесе за олеснување на ограничувањата за патувањата и постепено нормализирање на патувањето во текот на 2021-ва година.

„Хармонизацијата, координацијата и дигитализацијата на мерките за патување поврзани со намалување на ризикот од Ковида-19, вклучително и сертификати за тестирање и вакцинација, се главните основи за подобрување на безбедноста при патувањето и закрепнување на туризмот кога тоа го дозволуваат условите“, заклучи Пололикашвили.

Според истражувањето спроведено од „UNWTO“ меѓу туристичките работници, 43 проценти од нив не гледаат враќање на патувањата на нивоата пред пандемија пред 2023-та година, дури 41 процент не го очекуваат тоа пред 2024-та година и подоцна, додека само 15 проценти предвидуваат целосно закрепнување во 2022-ра година.

Според сценариото на „UNWTO“ за периодот 2021-2024 година, се проценува дека враќањето на меѓународниот туризам на ниво од 2019-та година може да трае од две и пол до четири години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП