„Peugeot“ ја претстави електричната верзија од своето лесно комерцијално возило кое може да помине до 275 километри со полна батерија.
По моделот „e-Expert“, на европскиот пазар пристигнува уште едно електрично возило од марката „Peugeot“, а станува збор за „e-Partner“.
Автомобилот е поставен на модуларната механичка платформа „EMP2“ и за погон користи електричен мотор од 136 KS (100 kW), додека максималниот вртежен момент е 260 Nm.

Електричната енергија се чува во литијум-јонска батерија со капацитет од 50 kWh.
„Peugeot e-Partner“ забрзува од 0 до 100 km/h зa 11,2 секунди, додека максималната брзина е 130 km/h.
Од францускиот производител тврдат дека автономијата во возењето е околу 275 km, мерено според „WLTP“ стандардот.

Батеријата може во целост да се наполни за 5 часа, доколку се користи „wallbox“ полнач со моќност од 11 kW, или за 30 минути од 0 дo 80% капацитет, доколку се полни со брзиот полнач од 100 kW.
Возачот може да избере меѓу трите однапред дефинирани режими за возење: „Eco“, „Normal“ и „Power“.

Доколку се избере „Eco“, моќта на автомобилот е лимитирана на 82 KS (60 kW), а максималниот вртежен момент е на 190 Nm, сепак најголема е економичноста во возењето.
Во случај на режимот „Normal“, на располагање е 109 KS (80 kW) и 210 Nm, а кај „Power“ се обезбедува максимална моќ од 136 „коња“.
На располагање се и два режими за сопирање, „Moderate“ и „Augmented“, oд кои вториот обезбедува максимална враќање на енергијата од сопирањето.

Купувачите може да изберат помеѓу пократка (4,4 m) и подолга (4,75 m) верзија на каросеријата, а максималниот употреблив волумен на товарниот простор е 4,4 m3.
Носивоста изнесува 800 kg, a „e-Partner“ може да влече приколка со тежина до 750 kg.
„Peugeot e-Partner“ во европските продажни салони пристигнува во текот на оваа година, а цената дополнително ќе биде соопштена.